На пропалестински протест во Мелбурн уапсени 33 лица, а околу 20 полицајци се повредени
Најмалку 33 лица се уапсени, а околу 20 полицајци беа повредени во судирите за време на пропалестинските протести во Мелбурн. Околу 1.200 луѓе учествуваа на протестот пред местото на Меѓународната изложба за копнена одбрана, извикувајќи пропалестински слогани и веејќи палестински знамиња, соопштија властите.
„На дваесетина полицајци им беше потребна медицинска помош, а 33 лица беа уапсени за злосторства, вклучително и напад, попречување на полицијата, подметнување пожар и блокирање патишта“, соопшти полицијата.
– Демонстрантите гаѓаа полицајци со камења, коњско ѓубриво и шишиња полни со течност додека се обидуваа да ги заштитат учесниците на саемот, изјави портпаролот на полицијата во државата Викторија.
Австралискиот премиер Ентони Албанес изјави дека луѓето имаат право да протестираат, но тоа мора да го прават мирно.
„Не кажувајте дека сте против одбранбената опрема со фрлање работи кон полицијата. Тие имаат работа што треба да ја извршуваат и нашите полицајци треба да се почитуваат во секој момент“, изјави Албанес.