Намален бројот на бегалци и мигранти кои престојуваат во Грција

Намалување на бројот на бегалци и мигранти кои престојуваат, како на грчките острови, така и во целата земја е регистрирано во месец март, споредбено со истиот период лани, согласно податоците од Министерството за миграција и азил на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

На островите намалувањето е за 78 отсто, во континенталниот дел за 46 проценти, а во цела Грција за 54 отсто.

Најголемо намалување на бројот на лица кои престојуваат во прифатните центри има на островот Самос (за 90 отсто), а потоа следат Хиос (80 проценти), Лезбос (78 отсто), Лерос (72 проценти) и Кос (23 отсто), со што бегалците и мигрантите веќе се само 1,13 проценти од популацијата на островите, наспроти 6,41 отсто во март минатата година.

Според податоците за март 2022 година, бегалските бранови во првиот квартал годинава биле зголемени за 17 отсто на островите во споредба со истиот период лани, а за 19 проценти во цела Грција.

Во март 2022 година, во центрите што се во надлежност на Министерството за миграција и азил престојувале вкупно 27.396 баратели на азил наспроти 59.212 лани.

Министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис рече дека со „строгата, но праведна миграциска политика“ на Владата сликата е поинаква во миграциското прашање и продолжуваат со празнење на островите, но и на континенталниот дел, како и на големите урбани центри.

-Веќе дефинитивно ја оставаме зад нас миграциската криза, истакна Митаракис

Back to top button
Close