Наместо нови вградувале стари делови, а ги наплаќале како нови некои и повеќепати – нови детали за акцијата во МВР
Министерството за внатрешни работи, по наредба на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, започна дејствија во предистражна постапка за истрага за злоупотреба и договарање помеѓу економски оператори и вработени во Одделот за општи и заеднички работи на МВР. Оваа истрага се однесува на спроведената јавна набавка во полицијата.
До сега, извршени се претреси на 16 различни локации, врз основа на наредба издадена од судија на претходна постапка, а по барање на јавниот обвинител.
Претреси се изведуваат и во неколку економски оператори, меѓу кои познатите автосервиси „Авто Клима Митрески“, „Дамбо Ацо Коп“ и „Прогрес Авто“ од Тетово.
Според досегашните сознанија, овие економски оператори, со кои биле склучени договори преку тендерски постапки, наместо нови резервни делови, вградувале стари и веќе употребувани компоненти. Меѓутоа, на фактурите тие делови биле заведени како нови, а некои делови биле фактурирани повеќе пати.