Напаѓач држи заложници во пошта во Јапонија

Осомничен вооружен напаѓач држи како заложници непознат број луѓе во пошта во Јапонија, соопштија властите. Претходно имало пукање во блиската болница.

Во градот Вараби, во Јапонија, осмничено вооружено лице „околу 14:45 часот зело заложници и се задржало во пошта во областа Чуо 5-чоме“, соопштија на својата веб-страница градските власти додавајќи: „Сторителот поседува нешто што изгледа како пиштол“.

Властите ги повикуваат „граѓаните во близина на местото на настанот да ги следат полициските упатства и да се евакуираат согласно полициските упатства“.

Дневниот весник „Јомиури“ објави дека во зградата се наоѓаат околу 10 членови на персоналот на поштата. Весникот, не наведувајќи извори, исто така објави дека постојат шпекулации оти мажот можеби носел керозин со себе.

Инцидентот се случува во време кога полицијата го истражува инцидентот со пукање во блискиот град Тода, на периферијата на Токио, кој се случи неколку часа претходно. Во тој инцидент полесно се повредени две лица. Сѐ уште не е јасно како се тие повредени и дали двата инцидента се поврзани.

Криминалот со насилство е многу редок во Јапонија, делумно поради строгите прописи за поседување оружје. Јапонија има една од најниските стапки на убиства во светот.

Back to top button
Close