Народна банка: Банките се повеќе преземаат активности за „зеленото финансирање“ и автоматизација и дигитализација на процесите

– Повеќе од половината од домашните банки имаат преземено активности за одобрување „зелени кредити“ на домаќинствата и на корпоративниот сектор, при што дел од нив имаат развиено и систем за идентификување еколошки одржливи проекти.

Во однос на дел од предизвиците од корона-кризата, банките имаат укажано, во најголем дел, на зголемување на степенот на автоматизација и дигитализација на процесите, унапредување на системите за управување со ризиците и зголемени вложувања во нови технологии, а дел од нив ги намалиле оперативните трошоци и понудиле нови иновативни производи и услуги. Согледувањата на учесниците во финансискиот систем за ризиците од окружувањето упатуваат дека, како и претходно, најголемите предизвици може да дојдат од домашното окружување, а гледано по поединечни ризици, очекувано се издвојува пандемијата на Ковид-19, за којашто системот во актуелните околности има капацитет за соодветен одговор.

Ова го покажуваат резултатите од Анкетата за согледувањата на банките за деловните активности и ризиците од работењето во 2021 година и од Анкетата за оцена на ризиците врз финансиската стабилност, коишто Народната банка, согласно со досегашната практика, ги спроведе во текот на првиот квартал од годината.

– Според Анкетата за согледувањата на банките за деловните активности и ризиците од работењето во 2021 година, главни предизвици со коишто се соочиле домашните банки како последица на корона-кризата се отежнатото оперативно работење и продажбата на производи и услуги на постојните и стекнување нови клиенти, како и отежнатото спроведување или одложување на важните планирани проектни активности. Резултатите од Анкетата покажуваат дека и во текот на 2021 година, банките планираат да продолжат со обезбедувањето кредитна поддршка за домаќинствата и за корпоративниот сектор, а истовремено очекуваат зголемување на трошокот за исправка на вредноста на кредитите, поради можно влошување на квалитетот на нивните кредитни портфолија под влијание на пандемијата на ковид-19. Меѓу другото, особено значајно е што најголемиот дел од банките очекуваат натамошна посветеност на кредитната поддршка на малите и на средните компании, што би придонесло и за економијата во целина. Истовремено, значителен е и бројот на банките коишто очекуваат зголемување на финансирањето проекти, на кредитирањето на големите нефинансиски друштва, како и на „зелените кредити“, се вели во соопштението од Народната банка.

Резултатите од Анкетата покажуваат дека домашните банки (над половината од нив) имаат активности на одобрување „зелени кредити“ на домаќинствата и на корпоративниот сектор. „Зелените кредити“, кај повеќето банки, имаат учество до 10 отсто од вкупното кредитно портфолио на домаќинствата и на корпоративниот сектор, каде што главно се насочени кон преработувачката индустрија (според половината од банките), по што следува дејноста „снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација“ и дејноста „транспорт и складирање“, со одредена застапеност и во градежништвото и други дејности. Кога станува збор за финансиските иновации, домашните банки се насочени кон самостоен развој на иновативни производи и услуги.

Во однос на финансискиот резултат од своето работење, банките главно имаат поволни очекувања за 2021 година, и покрај неизвесноста поврзана со пандемијата на Ковид-19.

– Анкетата за оцена на ризиците врз финансиската стабилност покажува дека, слично како и во Анкетата за 2020 година, ризиците коишто произлегуваат од домашното окружување, од страна на испитаниците, се рангирани како највлијателни врз работењето на домашниот финансиски систем во текот на 2021 година. Гледано по поединечни ризици, пандемијата со ковид-19, според испитаниците, е главниот извор на ризици за домашниот финансиски сектор во текот на оваа година. Следни по значење се ризиците што потекнуваат од домашното окружување, при што како водечки се издвојува ризикот поврзан со домашниот економски амбиент, елат од НБ.

Од ризиците што потекнуваат од надворешното окружување, испитаниците како најзначаен го издвојуваат ризикот поврзан со глобалниот економски амбиент, по што следуваат ризиците поврзани со динамиката на глобалната трговска активност и динамиката на цените, како и ризиците поврзани со глобалните финансиски пазари и амбиентот на ниски каматни стапки. Резултатите од Анкетата покажуваат дека најголемиот број од испитаниците изразиле висока доверба во домашниот финансиски систем.

Анкетата за согледувањата на банките за деловните активности и ризиците од работењето во 2021 година ги опфати сите банки што го сочинуваат македонскиот банкарски систем, додека Анкетата за оцена на ризиците врз финансиската стабилност покрај банките, ги опфати и останатите финансиски институции (штедилниците, друштвата за управување со пензиските фондови, осигурителните друштва, финансиските друштва, брокерските друштва, друштвата за лизинг и друштвата за управување со инвестициските фондови) и економските аналитичари.

Back to top button
Close