„Насилството нема место во здравствените установи“: Министерството за здравство го осуди нападот врз докторот и медицинската сестра
Министерството за здравство го осуди инцидентот пред поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје, при кој биле нападнати здравствени работници додека ги извршувале своите професионални обврски.

Од Министерството порачуваат дека секој облик на насилство, закани или попречување на работата на здравствените работници е недозволив и мора да биде соодветно санкциониран.
Притоа потсетуваат дека, согласно член 304-г од Законот за здравствената заштита, напад или сериозна закана кон здравствен работник или здравствен соработник при вршење здравствена дејност претставува кривично дело, за кое се предвидени парична казна или затвор, а во зависност од околностите и последиците – и построги санкции.
„Насилството нема место во здравствените установи“, порачуваат од Министерството, нагласувајќи дека заштитата и почитувањето на здравствените работници треба да бидат заеднички приоритет, имајќи ја предвид нивната секојдневна улога во грижата за здравјето и животот на граѓаните.





