Наскоро ќе ви биде јасно зошто се случуваа овие работи, вели Димитриеска-Кочоска за вербалниот судир со Петровска во Собранието
Министерката за финасии, Гордана Димитриеска-Кочоска денеска уште еднаш повтори дека за неа веќе е затворено прашањето поврзано со вербалниот судир со пратеничката Славјанка Петровска во Собранието минатиот четврток, но и дека наскоро на сите ќе им биде јасно зошто се случувало тоа.
„Жалам што имаше таков дефокус во однос на тоа што јас го кажав од говороницата и како беше интерпретирано. Неколку пати повикав на тоа луѓето да ја ислушаат целата комуникација во Собранието и самите да носат заклучоци“рече таа.
На новинарско прашање зошто досега не и се извинила на пратеничката Петровска, повтори дека неколку пати пати веќе кажала оти кога би погрешила, би се извинила.
„Во однос на извинувањето, мислам дека својот став го кажав. Кога би погрешила, би се извинила. Воопшто немало ништо тенденциозно, ниту имав некаква намера. Јас зборував за трошоците за живот и врз основа на тоа не би сакала да коментирам понатаму на таа тема. За мене, како што кажав, тоа е затворено прашање“,кажа министерката.
Замоли граѓаните да бидат трпеливи, оти времето ќе покаже кој бил во право и зошто се случувало сето тоа.
„Оставете на времето, за многу скоро ќе ви биде јасно зошто се случуваа сите овие работи“вели Димитриеска-Кочоска.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска изминатата недела беше во фокусот на јавноста откако минатиот четврток на седницата за пратенички прашања влезе во вербален судир со пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска.
Поставувајќи прашања, Петровска се осврна на неодамнешните изјави на министерката за цените на храната, како грашокот од конзерва и количината на млеко што треба да ја консумира едно семејство. Наместо да одговори, министерката за финансии ја нападна пратеничката на лична основа за нејзината семејна состојба.
Подоцна, министерката рече дека никогаш немала намера да ја навреди пратеничката Славјанка Петровска и оти нејзината изјава била извадена од контекст, додавајќи оти оваа тема за неа е затворена.
Петровска поднесе претставка до Комисијата за заштита од дискриминација, а од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) побараа министерката за финансии да си поднесе оставка од функцијата.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прашана за коментар за вербалниот судир помеѓу министерката за финансии и пратеничката рече дека не е лошо човек да се извини, како и дека во Собранието треба да се мерат зборовите.