Петер Маѓар започна со укинување на анти-ЛГБТ законите воведени од Виктор Орбан

Унгарската влада во понеделник поднесе предлог-закон до парламентот со кој ќе се укинат анти-ЛГБТ одредбите што ја забрануваат „промовирањето на хомосексуалноста“ меѓу лицата под 18 години, воведени од поранешната влада на Виктор Орбан.

Владата на Орбан, која беше соборена на изборите во април по 16 години на власт, промовираше христијанско-конзервативна агенда, а во 2021 година го забрани „приказот и промоцијата на хомосексуалноста“ и промената на полот во медиумите достапни за лицата под 18 години.

Орбан тврдеше дека анти-ЛГБТ законите се воведени за заштита на децата, но ограничувањата предизвикаа остри критики од организациите за човекови права и Европската Унија.

Новата министерка за правда на Унгарија, Марта Горог, изјави во мај дека Унгарија ќе мора да ги промени законите што го ограничуваат пристапот до ЛГБТ+ содржини откако највисокиот суд на ЕУ пресуди во април дека ограничувањата се спротивни на законите на ЕУ и придонесуваат за стигматизација и маргинализација на геј и трансродовите лица.

Премиерот Петер Маѓар, кој дојде на власт во април, вети дека ќе ги обнови односите со ЕУ. Враќањето на Унгарија во главните текови на ЕУ, исто така, бара решавање на прашања поврзани со демократските стандарди и правата на малцинствата.

Според законот, материјалите што можат „сериозно да го нарушат физичкиот, интелектуалниот, емоционалниот или моралниот развој на детето“ ќе бидат забранети.

„Предлогот се фокусира на реалните опасности на кои се изложени децата. Заштитата е насочена кон порнографска и сексуална содржина несоодветна за одредена возраст, сексуална експлоатација и злоупотреба на деца, сексуално регрутирање и манипулација, како и друга содржина што сериозно му штети на физичкиот, интелектуалниот, емоционалниот или моралниот развој на децата“, се наведува во законот.

Маѓар во саботата изјави дека неговата влада, исто така, ќе ги промени правилата што ефикасно забрануваат посвојување деца од странpа на хомосексуални парови

Back to top button
Close