Не е точно дека студија покажала дека 80 проценти од вакцинираните жени имале спонтан абортус

Не е вистина дека според студија на First New England Medicine, 80 проценти од жените што се вакцинирале во првото и второто тримесечје од бременоста имале спонтан абортус. Написот кој се темели на студијата, како што пишуваат странски проверувачи на факти , е повлечен набрзо по објавувањето бидејќи  имало грешка при калкулациите

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се вели дека поради вакцинацијата против ковид-19, според податоци кои наводно доаѓаат од неименувани клиники за плодност:

Спермата на инјектираните мажи не плива, јајце клетките на жените не прераснуваат во ембриони!?!
Веќе гледаме стапка на спонтани абортуси од 80% кај жени инјектирани во првиот триместар
Спонтаните абортуси се зголемуваат за 700-800%
79% зголемување на феталните малформации, ова е врвот на ледениот брег.

Дополнително, во постот се наведува дека живееме во програма на стерилизација и се поставува прашањето?

Што ќе се случи кога млади жени ќе сфатат дека не можат да имаат бебе?

Бројните дезинформации сумирани во овој пост, се дополнети со видео материјал на кој докторка Кристијан Нортхрап тврди дека спермата на мажите што примиле вакцина не плива,  јајце клетките на вакцинираните жени не прераснуваат во ембриони, а тие што прераснуваат ,„се контаминирани со неоргански материи“. Во видеото таа тврди дека:

Според студија на First New England Medicine, од јуни 2021 година, 80 проценти од жените што се вакцинирале во првото и второто тримесечје од бременоста имаат стапка на спонтани абортуси од 80 проценти.

Понатаму, таа додава дека има огромен број на мртвородени бебиња но дека  „ова е толку цензурирано што мејнстрим медиумите тврдат дека е лага и измислица“.

Меѓутоа, не е вистина дека според студија на First New England Medicine, 80 проценти од жените што се вакцинирале во првото и второто тримесечје од бременоста имале спонтан абортус. Написот кој се темели на студијата, како што пишуваат проверувачите на факти од „Фул Факт“, е повлечен набрзо по објавувањето.

Причината, како што пишуваат тие, е што во него имало грешка при калкулациите.

Истата докторка, инаку,  претходно од страна на повеќе проверувачи на факти од странство, е посочена за нејзиното ширење дезинформации, како на пример таа дека мРНК вакцината ја менува ДНК на луѓето.

 

Што покажува оригиналното истражување?

Оригиналното истражување публикувано во јуни 2021 година, ги разгледа податоците од американскиот Центар за контрола и превенција на болести, каде се мониторираат ефектите од вакцинацијата против ковид-19 врз бременоста. Од 827 комплетирани бремености (значи, бремености за кои исходот е познат), најдено е дека 104 завршиле со спонтан абортус и се вели дека стапката на спонтан абортус е 12.6 проценти, која не е многу различна од вообичаената.

Но, како што подоцна посочиј авторите на студијата, погрешно е тоа што ја употребиле бројката од 827 комплетирани бремености во калкулацијата. Проблемот бил во тоа што 700 од 827 учеснички во студијата биле вакцинирани кон крајот на бременоста. Со оглед на тоа што спонтаните абортуси се случуваат главно во раната фаза од бременоста, овие жени имаат мала шанса за спонтан абортус независно од вакциналниот статус.

Ова значи дека 700 од бременостите воопшто не би требало да бидат користени за да се калкулира генералниот ризик од спонтан абортус после вакцинација. Потоа студијата била поправена.

Нова грешка

Авторите на новиот напис, ја препознаваат грешката и ги користат истите податоци за да искалкулираат различна стапка на спонтани абортуси. Според овие податоци, меѓу 114 и 127 комплетирани бремености во студијата се релевантни, зашто вклучуват жени кои биле вакцинирани доволно рано за да бидат изложени на доволен ризик да имаат спонтан абортус. Тие ги изразуваат 104 те случаи на спонтан абортус како пропорција од многу помала вкупна бројка на учеснички во студијата и кажуваат дека „повторна анализа на овие бројки индицира дека инциденцата на спонтани абортуси се движи меѓу 82 до 91 процент, 7 до 8 пати повисока отколку онаа во оригиналните резултати од студијата“.

Базирано на ова, написот, исто така, повикува да се повлечат веднаш мРНК вакцините за употреба кај бремени жени. Но, и ова е грешка, зашто повеќето од тие жени што биле доволно рано вакцинирани, до крајот на публикувањето на истражувањето не пријавиле каков им е исходот. Спонтаните абортуси во ова истражување се дефинирани како спонтани абортуси пред 20 гестациска недела, а раѓањата се случуваат вообичаено во 40 недела од бременоста. 

Така што, првите исходи кои се познати, за жените вакцинирани рано во бременоста, за жал се најверојатно спонтани абортуси, додека оние кои не се пријавени се најверојатно живородени бебиња.

Некои од авторите на оригиналната студија, направиле фолоу ап на некои од бременостите за кои немало познат резултат во времето на оригиналната студија. Користејќи ги овие податоци, тие искалкулирале дека стапката на спонтани абортуси во оваа студија е 13 проценти и сега велат дека ризикот од спонтан абортус после вакцинација е конзистентен со ризикот од спонтани абортуси кај општата популација.

Во текст со овие податоци, авторите велат дека нема биолошки механизам со кој ќе се потврди дека мРНК вакцините претставуваат ризик за бременоста.

Како што пишува „Ројтерс“, 127 бремености кои биле комплетирани во моментот кога биле готови првичните резултати од студијата, не се целосна бројка на жени кои се вакцинирале во првиот или вториот семестар. Добар дел од нив биле уште бремени додека траела студијата и нивниот исход не бил познат. „Ројтерс“ додава дека од 3.958 учеснички, 827 имале комплетирана бременост (или родиле живо бебе или имале спонтан абортус). Останатиот дел од учесничките уште биле бремени и за нив податоците од исходот не биле објавени.

Како што „Вистиномер“, и претходно пишуваше, во светот постои вообичаена стапка на спонтани абортуси. Тие се случуваат без вакцинација или со вакцинација, односно независно од вакциналниот статус на жената. Вакви абортуси со дадената стапка во светот се случувале и пред да постои вакцина против ковид-19. Податоците на реномираната „Мајо клиника“ во САД, укажуваат на тоа дека 10 до 20 проценти од познатите забременувања завршуваат како спонтан абортус. 

Но, вистинските бројки се веројатно и повисоки, зошто многу спонтани абортуси се случуваат многу рано во бременоста, пред дури и да знаете дека сте бремена, пишува на веб страницата на „Мајо“ клиниката.

Центарот за контрола и превенција на болести на САД, американскиот колеџ за гинекологија и акушерство и асоцијацијата за мајчинско фетална медицина, препорачуваат вакцинација на бремените жени против ковид-19.

Иако податоците се ограничени, сепак Центарот за контрола и превенција на болести на САД, исто така, тврди дека научниците немаат пронајдено зголемен ризик од спонтани абортуси меѓу луѓето кои примиле мРНК вакцина во раната бременост или пред да забременат.

Доктор Емили Милер, професорка по гинекологија и акушерство на Нортвестерн Универзитетот вели дека нема докази дека вакцината предизвикува спонтани абортуси.

Анализа од август 2021 година од Центарот за контрола и превенција на болести разгледува 2.500 бремени жени кои примиле мРНК вакцина пред дваесеттата недела од бременоста. Истражувачите пронашле стапка на спонтани абортуси од 13 проценти, што е слично на очекуваната стапка на спонтани абортуси кај општата популација.

Спонтаниот абортус е релативно чест, кај 11 до 16 проценти од бременостите. Стапката на спонтан абортус после ковид вакцинацијата е во истиот опсег, вели доктор Ева Пресманпретседателка на одделот за гинекологија и акушерство на универзитетот Рочестер.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина дека 80 проценти од жените што се вакцинирале во првото и второто тримесечје од бременоста имале спонтан абортус.

Back to top button
Close