Не смееме да си дозволиме да бидеме обземени од садизмот на Трамп
Додека Трамп секој ден издава серија штетни и вознемирувачки извршни наредби и изјави, никогаш не било поважно да избегнеме да бидеме заробени од неговата опсценост и да се фокусираме на тоа како се поврзани овие прашања.
![Marie Rouge/Getty](https://libertas.mk/wp-content/uploads/2025/02/979d6e26194696a47a3dd1ea62b985518bd130b6-300x200.jpeg)
Лесно е да се заборават или изумат извршните наредби од минатата недела: забраните за програми за разновидност, еднаквост и инклузија (DEI) и дискурси, како и „родовата идеологија“ во сите федерално финансирани програми, додека нови опсцености ги поплавуваат вестите. Закани за депортација на меѓународни студенти кои учествуваат во легитимни протести; експанзионистичка реторика кон Панама и Гренланд и предлози за целосно и насилно иселување на Палестинците во Газа од нивната земја се најавуваат една по една. Во секој случај, Трамп изјавата ја дава како приказ на моќ, тестирајќи дали ќе има ефект. Извршните наредби можат да бидат стопирани од судовите, но депортацијата на имигрантите веќе почна, како и повторното отворање на гнасните кампови на Гвантанамо.
Засилувањето на авторитарна моќ делумно зависи од волјата на народот да верува дека ја имате таквата моќ. Во некои случаи, изјавите на Трамп се наменети за тестирање , но во други случаи, вознемирувањето е само по себе постигнување. Тој ги игнорира срамот и правните ограничувања за да ја покаже својата способност да го направи тоа, со што пред светот прикажува бесрамен садизам.
Возбудата од бесрамниот садизам поттикнува други да го слават овој вид на машкост, таква што не е само подготвена да ги наруши правилата и принципите кои ги управуваат демократскиот живот (слобода, еднаквост, правда), туку и да ги изврши тоа како форми на „ослободување“ од лажни идеологии и ограничувачки правни обврски. Возбудената омраза сега се камуфлира како слобода, додека слободите за кои многумина од нас се бореа децении се извитоперени и прикажани како морално репресивен „вокизам“.
Садистичката радост која е во прашање овде не е само негова; таа се потпира на тоа да биде соопштена и широко уживана за да постои – тоа е заедничка и заразна прослава на суровоста. Навистина, медиумското внимание што го привлекува ја храни садистичката треска. Мора да се знае, да се види и чуе, оваа парада на реакционерски бес и пркос. И затоа веќе не станува збор за едноставно разоткривање на лицемерито. Не постои камуфлажа на морал која мора да се процени. Не, јавното апелирање на морал од страна на лидерот е превртено: неговите следбеници се возбудуваат од покажувањето на неговиот презир кон моралот и го споделуваат.
Бесрамното прикажување на омраза, презирот кон правата, подготвеноста на луѓето да им се одземат правата на еднаквост и слобода со забрана на „родот“ и неговото ставање под прашањеза бинарниот систем на пол (негирање на постоењето и правата на транс, интерсексуалните и небинарните луѓе), уништувајќи ги програмите на DEI наменети за зајакнување на оние кои претрпеле трајна и системска дискриминација; присилни депортации на имигранти и повици за целосно отфрлање на оние кои ги преживеале, геноцидните акции во Газа…
Рафаел Лемкин, полско-еврејскиот адвокат кој го измисли терминот „геноцид“, јасно стави до знаење дека тој вклучува „координиран план насочен кон уништување на суштинските основи на животот на национална групи… тоа може да се постигне со бришење на секаква основа на лична безбедност, слобода, здравје и достоинство“. Навистина, присилното пренесување на деца е петтиот казнив чин според конвенцијата за геноцид усвоена во 1948 година.
Не сите форми на одземање на правата на Трамп спаѓаат во категоријата геноцид, но многу од нив изразуваат фашистички страсти. Негирањето на правата на здравствена заштита, правно признавање и права на изразни слободи за транс, интерсексуалните и небинарните луѓе ги напаѓа самите основи на нивните животи. Дури и конзервативниот врховен суд утврди дека дискриминацијата на транс и родово неусогласените луѓе претставува дискриминација врз основа на пол (Босток против Клејтон, 2020)
Оттука, нема смисла да се каже дека правата на транс лицата се закануваат на правото засновано на пол: тие припаѓаат на тој закон и треба да бидат заштитени со него. Отстранувањето на имигрантите од училиштата и домовите, насилното депортирање во центрите за притвор и одземањето на нивните права на правен процес покажува не само јасен презир кон тие заедници, туку и кон самата уставна демократија. Заканата по државјанството на основа на право на раѓање пркоси на основната уставна заштита и го позиционира Трамп над Устовот.
Ако продолжиме да сме обземени од гнев, и стаписани пред секоја новата објава секој ден, нема да успееме да разбереме што ги поврзува. Да се биде стаписан пред неговите изјави е токму целта на нивното кажување. Ние сме на некој начин дел од неговата возбуда кога нè заробува и парализира. Иако постојат илјадници причини да бидеме огорчени, не можеме да дозволиме тој бес да не преплави и да ни го блокира умот. Ова е момент кога треба да ги сфатиме фашистичките страсти што го поттикнуваат ова бесрамно зграпчување на авторитарни моќи
Оние кои го слават неговиот пркос и садизам се исто толку ригидни како и оние кои се парализирани од бес. Можеби е време да се дистанцираме од овие страсти за да видиме како функционираат, но и да ги пронајдеме нашите страсти: желбата за еднакво споделена слобода; за еднаквост што ги исполнува демократските ветувања; за поправка и регенерација на животните процеси на земјата; да ја прифатиме и потврдиме сложеноста на нашите животи; да се замисли свет во кој владата го поддржува здравјето и образованието за сите, каде што сите живееме без страв, знаејќи дека нашите меѓусебно поврзани животи се подеднакво вредни.
Џудит Батлер
Извор: Гардијан
Превод: Лени Фрчкоска