Недостигот на судии – најголем проблем за ажурноста
Додека бројот на предмети рапидно расте, опаѓа бројот на пополнети судски места. Во просек, во 2022 година имало 44 судии помалку отколку 2021 година.
Токму на денот кога беше обелоденет дел од писмо испратено до институции на извршната и судската власт во РСМ, во кое амбасадорката на САД, Анџела Агелер, ја изразила нејзината и загриженоста на САД за состојбите во македонското правосудство, Апелацискиот суд Скопје објави соопштенија за две одржани седници на кои се дискутирало за постапувањето по предметите, вклучително и за оние од висок профил, со акцент на зголемување на ажурноста во постапувањето.
Едното соопштение се однесува на седница одржана со судиите во Апелацискиот суд Скопје.
„На Седницата беше заклучено дека по сите предмети, а посебно по предметите од висок јавен интерес да се постапува ефикасно и ажурно, во согласност со законите како и Судскиот деловник, почитувајќи го редот на приемот на предметите со цел да се обезбеди ефективно остварување на правдата и примена на законите и воедно да се избегне опасноста од застарување на предметите од висок профил“, се наведува во соопштението.
Во интерес на ажурно постапување, од Апелација наведуваат и дека „била воочена потреба од допрецизирање на определени активности и мерки”, односно дополнително донесување внатрешни процедури како составен дел на веќе донесените, во согласност со Законот за движење и управување со предметите во судовите.
Покрај потребата од дополнителни внатрешни процедури, сепак, тежиштето на проблемот се лоцира во недоволниот број на судии. Апелација укажува дека „ажурното постапување по сите видови предмети вклучително и оние од висок јавен интерес, во голема мера зависи од пополнетоста на судиските места“, и објаснува каква е сегашната состојба.
Имено, Апелацискиот суд Скопје во моментов практично постапува со речиси преполовен кадровски капацитет, односно со 28 судии од предвидените 52, а во Кривичниот оддел на судот биле распоредени само 6 судии.
Додека за оваа седница не е наведено кога се одржала, во друго соопштение се информира дека в.д. претседателката на Апелацискиот суд Скопје, Мери Дика-Георгиевска, вчера (25-ти април) одржала работна средба со претседателите на основните судови кои припаѓаат на апелациското подрачје Скопје: Граѓанскиот и Кривичниот суд во Скопје, како и основните судови во Велес, Кавадарци, Неготино, Гевгелија, Куманово, Крива Паланка и Кратово. И на таа средба ажурноста во постапувањето била доведена во корелација со бројот на судии.
„Сите претседатели присутни на работната средба се согласија дека ажурното постапување по предметите во голема мера зависи од бројот на судиите и непополнетите работни места во судската служба, а со кој како проблем се соочува секој од судовите. Заради надминување на оваа состојба да се направат напори од Судскиот совет на РСМ да се пополнат испразнетите судиски места, со што непосредно ќе се влијае на ефикасно и навремено правораздавање“, се вели во соопштението.
Бројот на предмети расте, на судии опаѓа
Недостигот на судии беше евидентиран и во Годишниот извештај за работата на судовите во 2022 година. Според евиденцијата на пополнети судски места, на почетокот на 2022 година имало 20 судии помалку во однос на претходната 2021 година, а на крајот на 2022 година дури 68 судии помалку во однос на крајот на 2021 година.
„Просечно, во 2021 година може да се земе број од 493 судии, а во 2022 година 449 судии или за 44 судии помалку“, се вели во извештајот.
Судовите во РСМ месец јануари 2022 година го почнале со нерешени 97.330 предмети и примиле во работа 602.682 нови предмети, или имале за работа вкупно 700.020 предмети. Од нив 590.897 биле решени, а 109.123 предмети останале нерешени. Според тоа, на ниво на држава, судовите во 2022 година не успеале да го совладаат приливот на предмети и го зголемиле заостатокот за 11.785 предмети.
Од статистичките извештаи за работата на судовите, се заклучува и дека од вкупниот број судови во 2022 година ажурни биле 19, а неажурни 15, од кои два апелациони и 13 основни судови.
Како што вчера (25.04) објави ТВ Алсат, амбасадорката Агелер во писмо испратено до Апелацискиот суд Скопје, Врховниот суд, неколку основни судови во државата, до премиерот и министрите за правда и за надворешни работи, изразила загриженост од третманот на голем број судски предмети.
„Секој ден сум сè повеќе загрижена и разочарана поради големиот број предмети (од висок профил) кои Апелацискиот суд ги врати во првостепена постапка на повторно судење. Очигледната неспособност на судовите брзо да ги процесуираат предметите низ судската постапка и нивното префрлање напред-назад меѓу Апелација и Основниот суд дополнително ја намалува ниската доверба што јавноста ја има во судовите“, било наведено во писмото од амбасадорката на САД.
Префрлањето „напред-назад“ очигледно се однесува на првостепени пресуди за случаи од висок интерес, кои Апелацискиот суд Скопје ги укина и ги врати на повторно судење, поради што некои од нив во меѓувреме застареа. Случајно или не, во најголем дел од тие предмети беше засегнат поранешниот дирекор на некогашната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков. Лани во ноември Апелацискиот суд Скопје ја укина првостепената пресуда за случајот „Трезор“ (за набавката на опрема за следење на комуникациите), со која Мијалков и поранешни функционери УБК и МВР добија повеќегодишни затворски казни, и го врати предметот на повторно судење. Еден месец подоцна Апелација ја укина и првостепената пресуда за случајот „Таргет-Тврдина“, со која Мијалков беше осуден на 12 години затворска казна и го врати предметот на повторно судење. Апелацискиот суд ја укина и осудителната пресуда од првостепениот суд во случајот „Титаник 2“, во кој Мијалков се гонеше за примање награда за противзаконско влијание во врска со локалните избори во 2013 година, а на 7-ми април годинава настапи апсолутна застареност на делото за кое тој се гони.
Токму „мешањето во изборните процеси за своја лична и партиска придобивка”, беше една од причините поради кои американскиот Стејт Департмент лани на 11-ти април го вклучи Сашо Мијалков (и Никола Груевски) на листата на санкции.
Како причина за тоа во соопштението беа наведени „кредибилни информации за негова инволвираност во коруптивни активности кои вклучувале злоупотреба на политичко влијание и службена моќ за лични цели – да бара и прима мито во замена за владини договори и мешање во изборните процеси за своја лична и партиска придобивка”.
Амбасадорката Агелер минатиот месец во интервју за ТВ Алсат на прашање за „црните листи“ јасно посочи дека САД можат само да наметнат одреден вид на санкции за лицата за кои истрагите ќе покажат дека се поврзани со корупција (финансиски санкции или забрана за патување во САД), но какви мерки ќе се преземат против нив во земјата – зависи само од институциите во РСМ.
Извор: ДВ