Нема проблем. Барајте си непријатели. Ама, барем најдете ги.
Штом и премиерот Христијан Мицкоски замина на одмор, значи не е толку зорт за одбрана на интергритетот и суверенитетот на државата. Дестабилизацијата, што според неговите сознанија ја спрема ДУИ, ќе почека. Што е за право, и самиот Мицкоски најави дека дестабилизацијата ќе ни дојде наесен, ама не е фер разузнавачките сознанија што ги има да ни ги кажува предвреме. Можеше да нѐ остави барем раат да си ги истераме одморите.
Прво, во илинденскиот говор на Мечкин Камен премиерот ни откри дека „постојат елементи и субјекти во општеството кои континуирано на маса ставаат барања кои создаваат конфликти“. Потоа, во два-три наврати и ги идентификуваше тие „субјекти“ како ДУИ која ќе прави дестабилизација за да ги скрие криминалите и предупреди дека „некои групи ќе бидат несвесно изманипулирани да го предизвикаат територијалниот интегритет и суверенитет“, а „ДУИ ја загрозува интеретничката слика во државата и претставува закана по мирот и стабилноста на Македонија како држава“. По што, и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека „постојат информации коишто се во насока на тоа што го говори премиерот и јавноста треба да биде запознаена со сите факти“, ама рече дека граѓаните не треба да бидат загрижени.
Го паметиме принципот на владеење на Никола Груевски – барај си непријател, држи ја нацијата на готовс и после спасувај ја државата.
Нема проблем. Барајте си непријатели. Ама, барем најдете ги.
Се сеќавате ли дека на времето, мирно, мирно, па туку по некоја зоља преку ноќ ќе се испукаше кон зградата на Владата. Па прес-конфереции, па изјави, па „дознаваме од разузнавачки извори“ и – никогаш не се откри ни кој пукал, ни зошто пукал. Навистина, поминато е бајаги време, кругот се сврти, ВМРО-ДПМНЕ се врати на власт, ама уште ми ѕуни во ушите онаа реплика во прислушкуваните разговори: „А војна да направиме!“, од периодот кога одлично им функционираше коалицијата со ДУИ. А за акцијата за „разбивање на терористичка група“ во Кумановско Диво Насеље во 2015, во која загинаа 8 полициски специјалци, ич муабет да не отвараме, премногу е болна таа тема.
Изгледа Мицкоски уште не сфатил дека веќе не е во опозиција. Премиер е. Под негово раководство е Министерството за внатрешни работи и едно чудо државни служби задолжени за безбедноста на државата. Сите служби во светот си имаат некакви сознанија и си ги решаваат. Тоа им е работа. Како граѓанин не очекувам од премиер на телевизија да ми кажува дека има индиции оти некој сака да ја дестабилизира државата, па и да ми најавува дека таа дестабилизација ќе се случи наесен. Од премиер очекувам да ми соопшти што презеле државните органи. Дали ги идентификувале тие што ќе прават дестабилизација, дали ги повикале на информативен разговор, дали им поднеле кривични пријави, дали ги привеле. Ако се толку сериозни индициите, белким и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе го свикаше Советот за безбедност уште летово.
Таа информација ќе ми биде значајна. И таа информација ќе ме успокои. А не вака, премиерот ќе те вознемири и ќе замине на одмор.
Работава е: Јас да ви кажам, па вие мислете му ја.
Целата колумна на Горан Михајловски на сдк.мк