Непријателска бугарија

Дали премиерот Зоран Заев уште спие на тоа уво дека со гушкање ќе ги убеди бугарските политичари да го дигнат ветото за почеток на преговорите со ЕУ? Замислете, и од него дочекавме да изјави дека условите што бугарскиот претседател Румен Радев ги кажал на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Словенија се навредливи за Македонците. Шуќур, му текна, откако претходно се топеше со милозвучни зборови за „браќата“, „пријателите“ и соседите, исфрлаше тези за сличноста на јазикот, какви му биле корените, бараше заедничка историја , ќе го бришеше „бугарски фашисти“ од спомениците на жртвите од бугарскиот фашистички окупатор… Откако си ја презеде улогата на лингвист, историчар и чувар на гробишта и спомен-плочи, отпосле му текна дека тоа што го бараат Бугарите е навредливо. Само тоа може да биде придобивка од Самитот на Брдо кај Крањ во Словенија, на кој Европската унија донесе исти заклучоци како на Солунскиот самит во Порто Карас пред 18 години. Дека и Заев, по сите понижувања што и самиот ги истрпи во изминативе година и пол од бугарската блокада и по сите пизмења што си ги предизвика дома, конечно се навреди. Се правеше слеп при очи две години и сега одеднаш – Еј, а бе, овој ме навредува. Со пријател како Бугарија, други душмани да не бараме. Не знам само, зошто уште се занесува дека можеби процесот ќе се одблокира по претседателските и парламентарните избори во Бугарија на 14 ноември. Кој и да дојде за претседател, кој и да формира влада – исто ќе биде. Тоа масовно делење бугарски пасоши на Македонци, за кои Радев вели дека се дискриминирани Бугари во Македонија, не беше само за прибирање мито за сопартијците на Каракачанов. Не ги дели бугарската држава тукутака нивните пасоши за македонските граѓани што бараат работа во ЕУ. Тоа си е бугарска државна политика која допрва ќе ѝ нанесува штета на Македонија. И тоа бугарскиот претседател Радев јасно си го соопшти пред неговите европски партнери во Словенија.
Целата колумна на Горан Михајловски прочитајте ја тука

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close