Нешто не штима

Фрустрирачка е веста дека Северна Македонија нема да добие финансиска помош од солидарниот пакет на ЕУ. Според објаснувањето од Секретаријатот за европски прашања (СЕП), не сме ги исполниле условите, според кои, требало да се квалификуваат расходите во здравствениот сектор настанати или предвидени да настанат во период од четири месеци, сметано од датумот кога земјата што аплицира официјално вовела одредени заштитни мерки или, пак, прогласила вонредна состојба.

Како што соопшти СЕП, во случајот на Република Северна Македонија, прагот изнесувал 30.852.000 евра и не бил достигнат, бидејќи износот на пријавените итни трошоци од институции и општини изнесувал 7.670.831 евро за четиримесечниот период од 10 март до 9 јули 2020 година.

Затоа, пак, помош од Фондот за солидарност на ЕУ ќе добијат Србија – речиси 12 милиони евра (11.968.276), Албанија 900 илјади евра и Црна Гора 200 илјади евра. Веста дека сме извисиле овде се книжи како успех, знак дека самостојно и успешно сме се справиле со предизвиците. Дали тоа треба да значи дека Србија е 12 милиони пати помалку успешна од нас во таа битка? Хммм…

Ниедна помош не треба да се потценува, но и оние скромни 200 илјади за Црна Гора говорат дека и таа повеќе од нашава земја инвестирала во здравствениот систем во тој период, штом нашиве расходи за таа цел не се компензирани ниту со едно евро.
Компарацијата ја правам врз два познати факта: за разлика од Србија, која покрај другите мерки, најави и за четири месеци изгради ковид-болница во Батајница, Црна Гора од почетокот на пандемијата се рекламираше како прва корона-фри држава во Европа.

На 25 мај 2020 година, тогашниот црногорски премиер Душко Марковиќ тоа официјално го обзнани, откако ден претходно здравствените власти oбјавија дека повеќе од 20 дена по ред во земјата не е регистриран нов случај на зараза.
Дури по „пауза“ од 42 дена, првиот случај на увезена инфекција во Црна Гора беше регистриран на 14 јуни, и до 18 јуни бројката стигна до 7 нови случаи од 200 тестирани. За споредба, во истиот период во Македонија се дијагностицираа од 130 до 190 нови случаи дневно. Има разлика.

Втората работа што не штима се разните верзии околу дадениот, па вратен аванс за кинеските вакцини. Го тргам настрана шпекулативното пишување на „Ла верита“ дека причина за тоа било што како посредник во набавката била вклучена фантом фирма без медицинско портфолио, која била сомнителна за кинеската држава. Ќе се задржам само на изјавите на официјални лица: според вчерашната изјава на министерот за здравство, Владата и на Министерството, од почетокот за набавката комуницирале со многу компании и производители, сѐ додека од „Синофарм“ не им дале насоки.

Но, само пред една недела, премиерот изјави дека за да може да добиеме што е можно подобри услови за вакцините, доколку има потреба да се оди преку партнер заради почитување на македонските закони, обезбеден партнер на државата бил „Алкалоид“. Зошто „Алкалоид“ исчезна од целава приказна и како е заменет со други непознати партнери?

Целата колумна на Катерина Блажевска на „Призма“ на следниот линк.

Back to top button
Close