Нетанјаху од говорницата на ОН ги отфрли обвинувањата за геноцид во Газа
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска ги отфрли обвинувањата дека Израел врши геноцид во Појасот Газа, истакнувајќи дека неговата земја се брани, во говорот на општата политичка дебата во рамки на 81. годишна сесија на Генералното собрание на Обединетите нации.
„Израел се брани“, нагласи Нетанјаху и праша која држава што врши геноцид испраќа тони хуманитарна помош и милиони вакцини против детска парализа. Тој додаде дека Израел води војна на седум фронта, но дека постои и осми фронт — низа држави кои издвојуваат милијарди долари за кампања на дезинформации против Израел.

Израелскиот премиер упати остри критики кон политичарите кои го обвинуваат Израел за геноцид, меѓу кои и турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, кого, меѓу другото, го обвини дека сака да стави рака врз Сирија. Во врска со изјавите на Ердоган во поддршка на Палестинците, Нетанјаху нагласи дека Ерусалим е „вечен главен град“ на Израел, а за турскиот претседател рече дека е тиранин, додека Турција ја нарече „супер-распространувач на дезинформации“.
Израелскиот лидер упати критики и кон градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, обвинувајќи го дека ги изложува Евреите во градот на опасност поради неговите критики за воените дејствија во Газа и ширењето лаги за Израел.
– Господине Мамдани, откако бевте избран за градоначалник на овој град, многу Евреи повеќе не се чувствуваат безбедно во Њујорк. Тие разговараат со мене и ми велат: ‘Ова не е градот што го паметиме, толку брзо се промени’ – изјави Нетанјаху. Мамдани одамна е остар критичар на воените дејствија на Израел во Газа и го нарекуваше Нетанјаху „воен злосторник“ и „архитект на ужасен геноцид врз палестинскиот народ“.
Пред Нетанјаху да почне да зборува, десетици делегати ја напуштија салата на иницијатива на палестинската делегација, која испрати порака со повик за бојкот. Нетанјаху ги нарече дипломатите кои си заминаа „морални кукавици“.
– Ако во оваа сала сè уште има кукавици кои не ја напуштиле, нека го направат тоа сега – изјави израелскиот премиер кога ја презеде говорницата. Тој нагласи дека Израел всушност штити многу од земјите чии делегати си заминаа и додаде дека многу лидери во приватни разговори му се заблагодариле што Израел го уништил иранското нуклеарно оружје.
Нетанјаху изјави дека нападот врз Иран бил една од најлесните одлуки што морал да ги донесе, нарекувајќи го режимот во Техеран „смртоносен“ и изрази уверување дека еден ден иранскиот народ ќе биде слободен. Тој додаде дека Израел ќе продолжи да се брани и ќе победи бидејќи нема друг избор, притоа нагласувајќи дека земјата нема поголем партнер од американскиот претседател Доналд Трамп, на кого му се заблагодари.
Во своето обраќање, израелскиот премиер го обвини Катар дека се обидува да ги индоктринира младите и да ги натера да ги мразат Израел и САД. Покрај тоа, ги критикуваше земјите како Франција и Велика Британија кои ја критикуваат израелската доселеченичка политика.
„Тие го обвинуваат Израел за колонијализам. Каков колонијализам? Меѓу оние што упатуваат такви обвинувања има луѓе во Велика Британија и Франција. Па овие земји го измислија тој поим – рече Нетанјаху, потсетувајќи дека нивните колонии се протегале низ целиот свет.
За насилниот однос на израелските доселеници на Западниот Брег, Нетанјаху изјави дека станува збор за „грст млади прекршители на законот“ — околу 150 луѓе кои фрлаат камења и корнат маслинови дрвја — обвинувајќи ги меѓународните медиуми дека им придаваат несразмерно внимание.

За време на говорот на Нетанјаху се слушнаа и аплаузи, додека пред седиштето на ОН во Њујорк се одржуваше протест против неговото присуство.






