Нетанјаху: Соборувањето на иранскиот режим е достижно, Техеран е послаб од кога било
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изрази уверување дека режимот на Исламската Република Иран наскоро може да падне, оценувајќи дека раководството во Техеран е послабо од кога било во услови на обновените американски воени дејствија.
– Убеден сум дека можеме еднаш засекогаш да ја отстраниме оваа закана, односно да го собориме овој режим. Тоа е главната задача што сè уште стои пред нас, но таа е близу до реализација. Не е невозможно, во наша моќ е – рече Нетанјаху за време на обраќањето пред високи воени претставници, истакнувајќи ги, како што рече, „историските достигнувања“ во воените судири против Иран во текот на оваа и минатата година.
Според израелскиот премиер, земјата била соочена со закана од уништување од режим кој се стреми да се вооружи со атомски бомби, но таа закана успеале да ја одбијат. Тој додаде дека Техеран во моментов е драстично ослабен и токму затоа не го напаѓа Израел. – Им велам на нашите непријатели: не барајте неволја со нас. Ако нешто сте научиле, тоа е дека имаме сила, решителност и внатрешно единство за да ве победиме – порача Нетанјаху.
Заедничките американско-израелски воздушни операции против Иран започнаа на крајот на февруари и траат речиси 40 дена. Во нив беа директно таргетирани и елиминирани повеќе влијателни ирански генерали и високи политичари, меѓу кои и иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хаменеи уште на самиот почеток на војната.
И покрај очекувањата на американскиот претседател Доналд Трамп дека овие удари брзо ќе доведат до промена на власта, воените дејствија засега дополнително ги зајакнаа позициите на тврдокорните политички и воени структури во Иран.






