Независниот синдикат на здравството бара смена на претседателот Бојчевски, велат „го руши угледот на вработените
Членови на Независниот синдикат за здравството во допис до медиумите информираа дека составиле иницијативен одбор и ќе бараат смена на, како што велат, нелегитимниот претседател Боби Бојчевски.
Во писмото се наведува дека нивното барање доаѓа како резултат на тоа што Бојчевски веќе подолго време не се грижел за вработените во здравството и не го доживуваат како искрен претставник на нивните интереси.
„Ова наше барање доаѓа како резултат на тоа што Претседателот, Боби Бојчевски веќе подолго време не се грижи за вработените во здравството и лажно се претставува како наш вистински и искрен претставник.
Бојчевски не прави ништо друго освен што го руши угледот на здравството и вработените во здравствениот систем. Веќе подолго време овој синдикат претставува „членарина” синдикат и машина за собирање само на финансиски средства без притоа членовите и здравствените работници да имаат вистинска борба за своите работнички права.
Членството во синдикатот веќе има собрано потписи за смена на Претседателот. Доколку тој самиот не поднесе оставка, ние ќе поднесеме пријава.
Доста е со расипничкото водење на нашиот синдикат од страна на нелегитимниот Претседател.
Со ова наше соопштение сакаме да ја информираме целата јавност за тоа што се случува во нашиот синдикат“ се вели во дописот.