Ние и лудакот од Москва

Мајкл Смеркониш е водител на контактна емисија на Си Ен Ен и, како што пишува во најавата, автор на седум книги. Соговорници му се истакнати поединци на американското општество но и граѓаните на Америка преку интернетот.

Вчерашното прашање во анкетата која ја спроведе во текот на емисијата а на кое одговориле 38000 гледачи гласеше: Дали Америка треба да влезе во војна на страната на Украина. Замешување во воениот конфликт го носи ризикот од Трета светска војна во која не би биле поштедени ниту самите Американци, па внимтелно го исчекав резултатот од анкетата. На огромно изненадување на водителот како и мое, 77 проценти од анкетираните изјавиле дека Америка треба да и помогне на Украина и да влезе во војна со Русија. Смеркониш има свои ставови по сите прашања  и тие би можеле да се наречат либерални, а од емисијата има што да се научи.

На Телма гледам слична контактна емисија. Две деца, момче и девојче, притискаат копчиња со кои ги вклучуваат и исклучуваат гледачите кои изнесуваат ставови на истата тема – Украина. Децата „водители“немаат мислење за ниту едно прашање. Македонски граѓанин грми дека конечно треба некој да и ја свитка шијата на Америка и реди причини.

Тоа се оние со кои,секојдневно и со децении на ред, го храни македонската политика и нашите медиуми: заради интервенцијата во Косово и бомбардирањето на Србија, заради Охридскиот договор, заради Преспанскиот договор, заради Договорот со Бугарија, заради името, заради тоа што 17 години сме во чекалната на ЕУ… \

Три децении на ред, неуки луѓе со високи титули, но и новинари,  кои никако да ги разберат реалностите на светот во кој живеема, го држат народот во незнаење со домашните глупости  за улогата на Америка и на Западот кои, нели, како и цел свет, работат против Македонците.  Правилото е : мисли и пишувај дека сите ни се непријатели и ќе бидеш читан и слушан.

Внимателните анализи кои ги правев изминативе денови, по инвазијата на Украина од страна на Русија, се веројатно најслабо читаните колумни што сум ги напишал. Последната, со која предупредувам на можност од нуклеарна војна, ја прочитале едвај 2000 читатели на Либертас и Плисинфо заедно. Се плашам дека проруската атмосфера во Македонија е таква што несразмеро повеќе внимание добива наш политичар кој ќе каже за Украинците дека оние кои ќе изберат комичар за претседател вечер, ќе јадат гранати за појадок, отколку некоја анализа можноста од Трета светска војна. Зборовите на тој наш политичар се упатени, се разбира, кон претседателот на Украина Зеленски кој вчера, на понудата на Американците да го евакуираат од  Киев за да му го спасат животот одговори дека нему му треба муниција а не превоз. Да, тоа е комичарот со кој се измејува нашиот политичар, како што се исмејуваше и јавноста со изјавата на нашата министерка за одбрана дека Македонија е спремна воено да ја помогне Украина.

Во меѓувреме лудакот од Москва тера со својот план да окупира една суверена европска држава, да ја поништи нејзината демократија (и колку слаба и корумпирана да е) и да ја потчини на својата воља. Што се случува во главата на Путин е прашањето кое доминира во светската јавност. Дали е нормален? На власт повеќе од 20 години, дали не изгубил контакт со реалноста. Оти, како што дамна напишал некој, политичарите и пелените треба често да се менуваат и од иста причина. Едночасовното бладање за славното минато на Русија, полно со злоба и омраза кон соседот, во говорот кој го одржа пред инвазијата, покажа дека неговиот ум манифестира знаци на загрижувачка грандоманија која може да го турне светот во нуклеарна војна. Чудното поведение не запира тука. Русите, дознаваме сега, како услов да му ја допре раката на Путин, при последната посета на Москва, барале од претседателот на Франција Макрон да дојде седум часа порано за да биде прегледан од нивен доктор без присуство на француски лекар. Бидејќи условот не беше прифатен немаше и ракување а двајцата претседатели седеа на двете спротивни страни  на една карикатурално долга маса. Некој ден подоцна, на состанокот на рускиот совет за безбедност сличен призор: Путин седнат зад маса на еден крај од огромната сала а членовите на советот поредени како исплашени ученици на спротивната. Нема претседател во светот кој го прави ова. Навистина, што се случува во главата Путин?

Во меѓувреме Европа и светот се обединуваат да му застанат на патот. Германија одлучи вчера да ја напушти досегашната политика и да испрати софистицирано оружје од сопствениот арсенал како поддршка на Украина.  Американскиот претседател отворено прозборе за Трета светска војна како една од двете опции. Расте и отпорот кон војната во Русија, со демонстрации за мир ширум земјата. Утрово, оставка поднела директорката на државниот театар во Москва со образложение дека не може да работи за убиец. Тоа е ситуацијата во светот денес а ние можеме да продолжиме со она што најдобро го знаеме: да се исмеваме и да се потсмеваме.

 

Денко Малески

Back to top button
Close