Николоски: Наесен ќе се одржат само локални избори, не очекувам Таравари да соработува со ДУИ со што би направил политичко самоубиство
Потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски вели дека прашањето за предвремени парламентарни избори заедно со локалните избори е затворено прашање и дека наесен граѓаните ќе гласаат само за општински советници и градоначаници, а во 2028 година ќе се одржат редовни парламентарни избори.
– Граѓаните минатата година јасно ја изразија својата волја и кажаа кој мисли дека треба да ја води владата. Ние имаме речиси двотретинско мнозинство од 78 пратеници, а има интерес тоа да се зголеми. И доколку посакаме, веројатно би оделе над 81-82 пратеници без никаков проблем. Така што, мислам дека граѓаните минатата година беа јасни, децидни. Има редовни локални избори. Ќе излезат граѓаните, ќе кажат кои сакаат да се нивни советници, градоначалници, и тоа е тоа од изборни активности за годинава. Здравје Господ, во 2028 година ќе се мериме пак на парламентарни избори. Тоа е затворено прашање. Есенва ќе има само локални избори“, истакнува Николовски во интервју за „360 степени“.
Во однос на превирањата во албанската коалиција „Влен“ која е дел од Владата и информациите дека лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари преговара со ДУИ, министерот Николоски вели дека нема официјална најава од Таравари дека ќе коалицира до ДУИ, но доколку тоа се случи, тогаш реалноста ќе се промени.
– Тој е многу политички искусен. Јас можеби најмногу од сите што сме во постојнава Влада сум го критикувал, но ако тоа го тргнеме настрана, факт е дека тој е политички искусен и не мислам дека е до толку, ај сега обратно да кажам – наивен, да влезе во соработка со ДУИ. Мислам дека малку и јавноста го потценува и не очекувам дека ќе направи чекор каде што политички би се самоубил. Би бил изненаден да покаже таква политичка наивност. Се разбира, не исклучувам такво сценарио, но би бил многу изненаден ако тоа се случи, вели Николоски.
Според него, освен евентуална соработка со ДУИ, не постојат други причини поради кои ВМРО-ДПМНЕ или премиерот би размислувале за прекинување на партнерството со Таравари, бидејќи тој како министер ужива доверба меѓу членовите на кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски.
За превирањата во „Влен“, апелира партнерите во оваа коалиција да седнат на заендичка маса и да ги надминат недоразбирањата.