Нов инцидент во бриселски Андерлехт: Куќа изрешетана со куршуми

Засега непознати лица во текот на минатата ноќ отвориле оган од автоматско оружје врз куќа во бриселската населба Андерлехт.

Како што соопшти денеска бриселското Јавно обвинителство, куќата била изрешетана со 23 куршуми, но при инцидентот нема жртви.

Според електронското издание на белгискиот весник „Соар“, полицијата околу 1.40 часот добила повик за слушнати истрели во близина на плоштадот Лемен во Андерлехт.

Полициски извори соопштија дека во куќата врз која е пукано имало деловни простории и станбен простор.

Покрај чаури од испуканите куршуми, на местото на инцидентот се пронајдени и два молотови коктели.

Андерлехт во изминативе две недели беше поприште на серија оружени инциденти, во кои беа убиени две лица.

Серијата инциденти започна во ноќта меѓу 4 и 5 февруари со пукотници пред метро станицата „Клемансо“ во Андерлехт, при што немаше жртви. Сторителите побегнаа од местото на инцидентот низ тунелите на метрото. При полициската истрага беа пронајдени 23 чаури, како и докази за пет удари од кундак на „Калашников“ на фасадата на една куќа.

Следниот ден, при инцидент во истиот реон, во ногата беше ранет еден 50-годишен маж, кој претходно немал полициско досие.

Ноќта меѓу 6 и 7 февруари, пак, близу станицата „Клемансо“ беше убиен 55-годишен маж, кој претходно бил лишуван од слобода поради кражби.

На 15 февруари доцна вечерта на влезот во „Клемансо“ беше убиен 19-годишен осомничен дилер на дрога.

Во ноќта меѓу неделата и понеделникот околу 1.45 часот беа регистрирани пукотници во реонот на метро станица „Сен Гвидо/Сен Гидон“ во Андерлехт, при што немаше жртви.

Во понеделникот околу 22.25 часот непознат сторител полесно повредни едно лице со истрел на куршум во неговата нога, по што побегна со електричен скутер.

Полицијата верува дека овие инциденти се поврзани со „војната“ за контрола на територија меѓу криминалните групи „Омале“ и „Петербос“, кои се вклучени во шверц на дрога.

Back to top button
Close