Новата селска куќа на принцот Вилијам во Велс

Принцот од Велс, Вилијам и неговата сопруга Кетрин – Кејт Мидлтон наследиле „таен“ дом скриен во руралните средини на Велс.

Стариот, но простран имот „Луинивермод“ (Llwynywermod) во Кармартеншир го купил кралот Чарлс Трети, пред 15 години. Поранешниот принц од Велс и неговата сопруга често престојувале во мирната селска куќа, и меѓу месното население. Чарлс и Камила минаа извесно време во „Луинивермод“ и по смртта на принцот Филип лани.

Имотот од 192 хектари се наоѓа во близина на селото Мидфаи, кај градот Ландовери. Куќата на имотот се состои од дневна соба, мала кујна и три спални соби. Има камин обложен со камен и големи прозорци.

Откако станаа принц и принцеза од Велс по смртта на кралицата и првиот говор на кралот Чарлс, Вилијам и Кејт ќе имаат и финансиска корист од нивниот нов статус. Имено, тие пред смртта на Елизабета Втора ги носеа титулите војвода и војвотка од Кембриџ. По устоличувањето на Чарлс на престолот, тие го презедоа Војводството Корнвол, што ќе им донесе значителна корист.

Богатството на Вилијам претходно се проценувало на 30 милиони долари. Но, сега само годишно од Корнвол би можел да заработува повеќе од 20 милиони долари.

Војводството Корнвол зафаќа околу 53.000 хектари, а приходите главно доаѓаат од земјоделството и туризмот. Вредноста на Војводството е повеќе од една милијарда евра. Вилијам не смее да го продаде, а кога ќе стане крал, војводството Корнвол ќе го наследи неговиот син Џорџ.

Back to top button
Close