Објавата лажно тврди дека Данка Илиќ била жртва на трговија со деца
Случајот со малата Данка Илиќ според официјалната истрага не е поврзан со трговија со луѓе, туку е изолиран случај во кој двајцата осомничени, според она што го изјави министерот за внатрешни работи на Србија, биле во службено возило коешто поминувало пред куќата каде била Данка. Тие го прегазиле девојчето, па го ставиле во задниот дел од автомобилот и потоа го оставиле телото на засега непозната локација. Во вакви случаи не е етички сензационалистички да се коментираат претпоставки, а уште помалку „дефинитивно“ да се тврди нешто за што не постојат докази
Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека двегодишната Данка Илиќ од Србија била жртва на трговија со деца.
Малата Данка Илиќ(2) дефинитивно е жртва на трговија со деца. Од ова не се исклучени родителите особено мајката. Сите индиции водат кон тоа.., стои во објавата.
Објавата прво тврди „дефинитвно“ дека Данка била жртва на трговија со деца и дека од тоа не е исклучена мајката, а потоа вели дека „сите индиции“ воделе кон тоа. Ако постојат индиции за нешто, тогаш не може дефинитивно да се тврди дека тоа е така. Објавата од самиот старт шпекулира.
Сепак, изнесените наводи во објавата, без оглед дали се „дефинитивни“ или има индиции за нив, се погрешни. Двегодишното девојче по кое трагаше Србија, како што соопштија официјални лица, е мртво. Имено, министерот за внатрешни работи на Србија, Братислав Гашиќ, на прес-конференција на 4 април 2024 година, соопшти дека девојчето било усмртено со автомобил, а осомничени се две лица кои се товарат за кривични дела за прикривање на трагите и за сокривање на нејзиното безживотно тело кое уште не е пронајдено. Како што рече Гашиќ, осомничените детално го опишале делото, а полицијата имала сознанија дека еден од осомничените на 28 март се вратил на депонијата каде го оставиле телото на девојчето и го пренеле на друга локација.
Двајцата осомничени за убиството на Данка, како што соопшти српскиот претседател Александар Вучиќ на 4 април, се наоѓаат во притвор и тие признале дека ја усмртиле Данка со службено возило.
Двегодишното девојче Данка Илиќ од Србија исчезна на 26 март 2024 година околу 13 часот и 45 минути во Бањско поле во Бор. Данка во моментот на исчезнувањето била со мајка ѝ и брат ѝ. Исчезнала во моментот кога мајката се свртела да му даде вода на другото дете.
По објавата за нејзиното исчезнување во јавноста почнаа да се плетат разни приказни, меѓу кои и таа дека девојчето било жртва на трговија со деца, па дури се отиде дотаму да се тврди дека мајката била вмешана во тоа, како што е случај со објавата која ја анализираме.
Случајот со малата Данка Илиќ според официјалната истрага не е поврзан со трговија со луѓе, туку е изолиран случај во кој двајцата осомничени, според она што го изјави министерот за внатрешни работи на Србија, биле во службено возило коешто поминувало пред куќата каде била Данка. Тие го прегазиле девојчето, го ставиле во задниот дел од автомобилот и потоа го оставиле телото на засега непозната локација. Како што рече тој, објаснувајќи ја истрагата во детали, причината поради која службеното возило било сомнително бил фактот што тоа возило се задржало на улицата многу подолго време (околу 5 минути во кои сè се случило), а начинот на кој е дојдено до овие сознанија е фактот што службеното возило има џи-пи-ес систем за следење од кој била евидентна трасата на движење.
Во вакви случаи не е етички сензационалистички да се коментираат претпоставки, а уште помалку „дефинитивно“ да се тврди нешто за што не постојат докази. Факт е дека малата Данка не била жртва на трговија со деца како што тоа го тврди објавата. Поради сето горенаведено, истата ја оценуваме како неточна.
Извор: Вистиномер