Обвинителството не може да доброи колку фирми и трансфери со црни пари имал Камчев

Империјата на Орце Камчев градена преку даночни затајувања, офшор компании и финансиски малверзации, од ден во ден се повеќе се распаѓа. Слободен печат пренесува дека целото досие за пирамидата на Камчев има десетици илјади страници и неопходно е време сите да се проверат и истражат. Целиот процес го отежнуваат големиот број трансакции, многуте фирми кои Камчев ги има низ странски држави, пред се оние во офшор дестинациите. Оттаму, никој не знае уште колку ќе трае вештачењето на доказниот материјал со оглед на неговата обемност. Јавното обвинителство во чија надлежност е сега предметот, после вештачењето се очекува да покрене обвинителен акт.

 

„Империја“ е предмет во кој се истражува финансиски криминал на Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски. Тие, како што соопшти своевремено СЈО, ќе се гонат поради сторени кривични дела злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело.

Но, додека се чека целата империја на Камчев и партнерите да биде официјализирана со обвинение, Јавното обвинителство направи издвојување на предметот „Плацеви на Водно“ како посебен предмет, предметот поради кој Камчев е во притвор.

Имено, Никола Груевски како претседател на ВМРО ДПМНЕ во еден момент престанал да ги пријавува донациите на партиските членови кои ги давале во готово во партијата. Така Груевски успеал да обезбеди 1,3 милиони евра од сопартијците кои мислеле дека донациите ги даваат за ВМРО ДПМНЕ, а не лично за Груевски. Но, тој решил со тие пари да купи имот на Водно, па затоа на помош му пристапиле Мијалков, Камчев и кумот Ристо Новачевски. Преку фирма регистрирана на Белизе осомничените отвориле фирма и во Скопје и така се обиделе да го сокријат потеклото на парите, односно да ги исперат преку купување атрактивни парцели над Скопје. Со оглед дека сите знаеја оти обрачот околу Камчев се стега и дека правдата наскоро ќе го стигне, тој лично, според тврдењето на Агенцијата за национална безбедност, се обидувал да најде начин како да замине од државата. Но, Јавното обвинителство го пресретна и побара притвор, по што судот му определи 30 дена, кои пред неколку дена му беа продолжени за нови 30.
Не смее да се заборави фактот дека Камчев во една прилика за да излезе од притвор му понуди на судот неверојатни 14 милиони евра, што е уште еден показател дека поседува пари и дека лесно може да замине, а со толку пари многу држави би му отвориле врата.

Повеќе

Back to top button
Close