Обвинителството отвори истрага за смртта на Ведат: Обдукцијата треба да ја утврди лекарската грешка
Кумановското обвинителство отвори предистражна постапка за случајот со смртта на Ведат Адеми во градската болница. Од обвинителството за ТВ21 велат дека прибираат материјални докази, според кои осомничените може да одговараат за едно или за две кривични дела: „Несовесно постапување со болни“ и другото „Тешки дела против здравјето на луѓето“. Но, до поднесување на обвинението, обвинителството го чека обдукцискиот извештај. Директорот на Институтот за судска медицина Александар Станков изјави дека формално вештачењето за починатиот ќе доцни поради обдукцијата на многуте жртви од кочанската трагедија, но ќе биде доставено до обвинителството.
Правниците велат дека за овие кривични дела казната е од 4 до 20 години затвор. Адвокатот Александар Симоновски рече дека доколку се обезбедат материјални докази, постои можност случајот да се реши правично. Но, според него, досегашната историја на судските органи во Северна Македонија речиси секогаш била во корист на лекарите, дури и во случаи кога пациентите починале поради лекарски грешки.
Според сомнежите на членовите на семејството, доктор Зоран Ѓеорѓиевски бил пијан додека бил на должност на Хируршкото одделение во понеделникот кога на 32-годишникот му била дадена погрешна, смртоносна терапија. Од кумановското обвинителство велат дека полициски службеници и надлежниот истражител при преглед на местото на настанот не земале примероци од крв од лекарот за да направат алкотест. Членовите на семејството бараат да се расчисти случајот и освен здравствениот систем кој им го одзеде синот, правниот систем да не ги убие по втор пат, со сомнеж дека лекарот ќе има политичка заштита, како поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.