Очигледна намера на народна банка
Почитувани читатели, местото и улогата на Народна банка во носењето на Еуростандард банка во стечај е од круцијално значење, бидејќи Гувернерот ја има сета власт по негов избор да одлучува за животот и смртта на банкарскиот сектор.

Во изминатите колумни пишував за некористење инструменти, кои Народна банка ги има на располагање за стабилизирање на банкарскиот сектор и во случајот со Еуростандард банка не ги користеше инструментите за кои веќе пишував, а тоа се вонредни мерки и админстрација.
Ова се мошне силни инструменти кои мора да бидат употребени пред носењето на банката во стечај.
Молкот на Народна банка сѐ уште трае и убеден сум дека актуелното раководство на Народна банка никогаш нема, а и не може да даде одговор.
Овој факт сам за себе говори дека има надворешен нарачател за носењето на Еуростандард банка во стечај. Ова го тврдам и преку две додатни причини со кои Народна банка е соучесник за моето „казнување”.
Најпрво, потенцијалниот купувач, кој ги задоволуваше сите критериуми на Народна банка да биде акционер во банката, цели три месеци чекаше на средба со Народна банка, која за жал никогаш не се оствари. Потенцијалниот акционер, да објаснам, направи сопствена ревизија преку независната куќа „Price Waterhouse„ за која плати 40 илјади евра. Жално е што раководството на Народна банка не прифати ниту една средба со потенцијалниот акционер.
Од ваквиот однос очигледна била намерата на Народна банка Еуростандард банка да биде однесена во стечај.
Самиот датум за носењето на банката во стечај е уште повеќе сомнителен. После 97 дена пандемија на Ковид-19, предвремени парламентарни избори и неформирано Собрание и Влада на Република Македонија, Народна банка одлучи да го обзнани стечајот на 12 август 2020 година.
Втората работа која не можам да ја разберам е фактот што Народна банка инсистираше по секоја цена да ја продадам најсилната осигурителна компанија во Македонија, а тоа е ,,Еуролинк”. Во континуитет, госпоѓата Бежоска, актуелен Гувернер на Народна банка, вршеше притисок врз мене и моето семејство да се отуѓи ,,Еуролинк”, а средствата да се внесат во банката како основен капитал.
Само 6 месеци после докапитализацијата на Еуростандард банка со средствата на Еуролинк, госпоѓата Бежоска одлучи да го зададе конечниот удар.
Многупати се прашувам кој е поривот за ваков нечовечки чин, да се оди по секоја цена кон финансиско уништување на едно семејство? Одговорот укажува и докажува дека Македонија заталка по својот пат, да биде земја каде ќе владеат правото и правдата, а граѓаните ќе ги очекува убава иднина.
Без лажна скромност, јас сум еден од ретките Македонци кој што љубовта кон татковината и сограѓаните сум ја покажал со дела.
Кога ова мене ми се случува, можам да замислам што сѐ може да му се случи на обичниот граѓанин!
2 / 2
Госпоѓо Бежоска, за вашиот чин бидете убедени дека еден ден ќе ве изведам пред вистинскиот суд. Направивте злодело не само мене и на моето семејство, туку и на илјадници мои сограѓани кои и ден денеска талкаат по административните лавиринти обидувајќи се да си го решат проблемот направен со вашата неразумна одлука.
Трифун Костовски






