Oдложен изборот на Христовски за асистент поради немање кворум
Седницата на Наставно научниот совет на која требаше да биде одлучено дали директорот на Агенцијата за национална безбедност ќе стане асистент по предметот криминалистика на Факултетот за безбедност не се одржала поради немање кворум од мнозинството на членовите, дознава неофицијално „Слободен печат“.
Според нашите информации, седницата беше закажана за во 12 часот, но презакажана е за денеска во 19 часот. „Слободен печат“ испрати официјално прашање на Факултетот за безбедност, но не добивме се уште одговор дали Христовски е избран за асистент.
Владата го назначи Христовски за директор на АНБ на 16 октомври, а оттогаш не престануваат реакциите за неговото именување и дали тој ги исполнува условите да ја води АНБ. Најспорен беше неговиот ТОЕФЛ сертификат за англиски јазик издаден од јазичниот центар „Јулија“ од Пловдив за кој во јавноста беше откриено дека не постои и не се занимава со полагање. За ваков ист фалсификуван сертификат две директорки биле осудени на условни казни.
Од ДКСК за „Слободен печат“ откриваат дека кон првичната пријава доставени се уште седум пријави.
-Во однос на предметот за директорот на АНБ, Бојан Христовски кон првичната пријава доставени се уште седум пријави до Државната комисија за спречување на корупцијата. Доставени се барања за прибирање на потребната документација за утврдување на фактичката состојба, за што сè уште течат законските рокови за доставување на истата. По утврдување на фактичката состојба, ДКСК ќе донесе одлука на јавна седница и ќе ја објави на веб-страницата на ДКСК, велат од ДКСК за „Слободен печат“.