Oдземениот имот на Груевски и Мијалков на лицитација – проценет на 29 милиони евра
Одземениот имот на поранешниот премиер Никола Груевски и на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков во наредниот период ќе биде ставен на продажба, пренесе Телма повикувајќи се на Агенцијата за управување со одземен имот. Се очекува државата да инкасира најмалку 29 милиони евра. Станува збор за станови, апартмани и градежно земјиште кои на Груевски му беа одземени со правосилни судски одлуки и почетната проценета сума на имотот е речиси осум милиони евра.
„Двата стана на „Бихаќка“ и трите апартмани во „Панорама резиденс“, а, исто така, тука спаѓаат и Плацевите на Водно и тоа конкретно градежното земјиште во КО Центар и во КО Норово за кои почетната цена доставена од Бирото за процени е некаде околу 354 милиони денари“, изјави Ирена Илиевска, директорка на Агенцијата за управување со одземен имот.
Становите и апартманите се вкупно проценети на 1,9 милиони евра, а останата сума од 5,8 милиони евра е за плацевите на Водно. Становите кои се наоѓаат на ул. „Бихаќка“ се 65 метри квадратни и 44 метри квадратни. Груевски, во 2018 година, по објавувањето на затворската казна за случајот „Тенк“, побегна во Унгарија каде што доби политички азил. За случајот „Плацеви на Водно“ експремиерот беше осуден на девет години затвор, бидејќи со парите од донации во ВМРО-ДПМНЕ си го купил имотот.
…