Охрид предложен за Листата на светско наследство во опасност — УНЕСКО со сериозно предупредување
Комитетот за светско наследство на УНЕСКО препорача светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион да биде впишано на Листата на светско наследство во опасност. Конечната одлука ќе биде донесена на 22 јули.

На седницата Комитетот изрази голема загриженост бидејќи оценува дека целокупниот напредок во справувањето со тековната деградација на Регионот е ограничен и го повтори барањето до Македонија и Албанија да ги спроведат преостанатите препораки од мисиите за реактивен мониторинг од 2017, 2020 и 2024 година. УНЕСКО и забележа на земјава дека препораките од мисиите за 2020 и 2024 година и Стратешкиот план за закрепнување недоволно се имплементирани, дека нема сеопфатна Стратешка проценка на животната средина (СОЖС), урбанистичките прашања и нелегалната градба се нерешени, има континуирани притисоци за развој и доцнење во управувањето со отпадните води и отпадот кои предизвикуваат сериозно влошување на состојбата во Регионот, заради што одлучува да го впише природното и културното наследство на регионот на Охрид на Листата на светско наследство во опасност.
УНЕСКО ги повика државите дополнително да го зајакнат прекуграничниот дијалог и координација на високо институционално и оперативно ниво, особено во однос на разгледувањето на алтернативни рути за Коридорот 8. Комитетот ги нагласи одложувањата на подготовката на студија за изводливост за алтернативната рута на железничкиот Коридор 8, како и поврзаните студии и проценки на влијанието и апелираше до двете земји да ги направат и да ги достават до Центарот за светско наследство за преглед пред да донесат какви било одлуки што може да бидат тешки за враќање, и да се воздржат од спроведување на проектот додека не се заврши таков преглед. Се бара Македонија да направи сеопфатна Стратешка проценка на животната средина (СОЖС) за проценка на кумулативните влијанија врз наследството од сите инфраструктурни и развојни планови и побара да ја разгледа Студијата кога ќе биде готова.
УНЕСКО побара од Македонија да ја забрза проценката на влијанијата од нелегалните градби, врз основа на јасни критериуми и да спроведе корективни мерки, вклучително и отстранување на дивоградбите, да ги суспендира измени на Деталните урбанистички планови и одобрувањето на локалните развојни планови надвор од населбите сè додека СОЖС не покаже дека нема негативни ефекти наследството, итно да ги подготви Генералните урбанистички планови за Охрид и Струга, како и инструментите за просторно планирање за неизградени области.
Во врска со нацрт-законот за прогласување на Студенчишки блато за парк на природата и забрана за урбанизација во рамките на мочуриштето, Комитетот го посочува продолжувањето на изградбата на комплексот „Горица 3“, со оглед на неговиот обем и потенцијалните негативни влијанија и уште еднаш побара државата да ги запре ваквите девастирачки проекти.
Македонија треба да го забрза прогласувањето на Охридското Езеро за споменик на природата и на Студенчишко блато за парк на природата како и проектите за надградба на инфраструктурата за отпадни води.






