Омраза или интерес

Почитувани читатели, во денешната колумна, посветена на Еуростандард банка, ја споделам со вас мојата лична перцепција дека Еуростандард банка е однесена во стечај поради злобен интерес и омраза на поединци кои водат силни институции во државата.

Не можам да се оттргнам од фактот што госпоѓата Гувернер Бежоска исклучиво ја интересираа финансиските средства, кои ги поседуваме јас и моето семејство, целосно да бидат вложени во банката. Овој чин ќе го прифатев како добронамерен доколку навистина се имаше став дека банката треба да се развива. Сега заклучувам дека целта на госпоѓата Бежоска беше максимално да ги исцрпи сите финансиски средства од семејството Костовски, кои ќе влезат како капитал во банката, за да на крајот, со еден удар ја однесе банката во стечај.

Кој е поривот, човек кој што води силна државна институција да се занимава со „ниски страсти”?Госпоѓата Бежоска не ја интересираа финансиските средства кои ги нудеше потенцијалниот инвеститор во банката, кој цели 3 месеци чекаше на прием кај госпоѓата Бежоска за да на крајот не биде примен, иако ги исполнуваше сите услови за влез како стратешки партнер на банката.

Госпоѓата Бежоска инсистираше во банката да ги внесеме како докапитализација сите средства на семејството Костовски, кои ги имавме на располагање како правни и физички лица.

Ја продадовме осигурителната компанија Еуролинк, со чии средства ја докапитализиравме банката.

Од денешен аспект, недвосмислено заклучувам дека стечајот на банката е направен со умисла да ни се наштети мене и на моето семејство.

Од стечајната маса ќе бидат исплатени сите правни и физички лица, клиенти на банката. Стечајната постапка која се води полни 40 месеци чини повеќе од 5 милиони евра, средства на Еуростандард банка. Сѐ уште има ненаплатени побарувања и имот на располагање, од повеќе десетици милиони евра кои ќе бидат дел од стечајната маса.

Каде се моралната одговорност, совеста и срамот? Можно ли е да се убие правен субјект, во случајов банка, само од ниски пориви? Ова се факти кои укажуваат дека живееме во општество каде правото и правдата се апстрактни именки.

Сакам да ја информирам јавноста, дека во печатење е мојата нова книга, каде ќе бидат овековечени сите досегашни пишани објави поврзани со стечајот на Еуростандард банка.

Целта ми е да оставам траги зад себе. Од испечатените книги, на институциите Народна банка, Влада на РМ, Собрание на РМ, Министерство за финансии, Основно јавно обвинителство и Министерство за внатрешни работи, ќе им доделам по неколку десетици примероци, со цел одговорните и вработените во тие институции да прочитаат за една ваква перфидно смислена неправда.

Очигледно е дека актуелната политичка гарнитура која ја води Македонија не е спремна да се зафати со вистинска борба против криминалот и корупцијата.

Жално е што и партиите од опозиција не покажуваат интерес да влезат во суштината на овој случај.

Народна банка, која има инструменти на располагање за стабилизација на банката, не ги користи. Токму тоа некористење на инструменти од страна на Народна банка го покажува вистинското лице на госпоѓата Бежоска, која својата неограничена моќ како Гувернер ја злоупотребува.

Очигледно е дека со носењето на Еуростандард банка во стечај, нанесе голема финансиска штета на целото мое семејство.

Зошто? Тоа е неразбирлив чин на лице кое ја креира безбедноста на фискалниот и банкарски систем во Македонија.

Јас ја продолжувам мојата борба. Луѓето со „ниски страсти,” на високи и одговорни државни функции допрва ќе нанесуваат штети на целиот систем затоа што мотивите им се злоба и интерес. Мојот мотив е да ги изведам пред лицето на правдата.

Гневот од неправдата, акумулиран во мене, е силен. Доволно силен за да не дозволам лицата кои си играат со туѓи судбини да останат неказнети.

Трифун Костовски

Back to top button
Close