Џонсон: Работата на премиерот е да продолжи да работи во тешки околности и јас ќе го сторам тоа

Британскиот премиер Борис Џонсон денеска изјави дека планира да остане на функцијата и покрај оставката на двајцата министри од неговата влада, Саџид Џавид и Риши Сунак, како и заминувањето на дел од персоналот. Џонсон им рече на пратениците дека „работата на премиерот, кога има тешки околности, е да продолжи понатаму“.

Останувањето на Џонсон на власт е разнишано поради оставките на министерот за финансии Сунак и министерот за здравство Џавид.

Двајцата поднесоа оставка вчера, нагласувајќи дека повеќе не можат да го поддржуваат Џонсон поради неговото справување со етичките скандали, вклучувајќи го и случајот со висок функционер обвинет за сексуално вознемирување.

Џонсон брзо ги замени двајцата министри, назначувајќи го Стив Баркли на местото на Џавид, додека Надим Захави ќе биде министер за финансии.

Сепак, според британски медиуми поддршката на Џонсон во Конзервативната партија рапидно опаѓа. Противниците се надеваат дека ќе ги променат правилата во партијата, за да може повторно да се гласа за доверба на Џонсон. Минатиот месец членовите на неговата партија гласаа за неговата доверба – 41 отсто беа против Џонсон.

Back to top button
Close