Опаѓа поддршката за ЕУ: половина од младите се против, само 24% се за промена на Уставот

 

Опаѓа поддршката на граѓаните за членството на Македонија во Европската унија.

60% од македонското население ги поддржува евроинтегративните процеси на земјата, што е намалување од 4% во однос на претходната година и го означува најнискиот процент на поддршка до сега.

Само половина од младите (18-24 години) го поддржува членството во ЕУ. За 20% од населението членството во ЕУ воопшто не е важно, а 12% од населението е отворено евроскептично.

Резултатите оваа година покажаа дека иако билатерални прашања остануваат отворени, граѓаните продолжуваат да гледаат на преговарачкиот процес како усогласување со законите и стандардите на ЕУ.

Само 24% од испитаниците се согласуваат да се промени Уставот за внесување на бугарското малцинство за да продолжиме со интегративниот процес. Скоро две третини или 65% од испитаниците сметаат дека измените на Кривичниот законик се донесени за заштита на политичките елити од минати криминални дејствија.

Покрај турбулентниот пат кон неа, Унијата продолжува да биде перцепирана како најголем донатор, економски партнер и сојузник на државата.

Ова се дел од наодите од двете истражувања изработени од страна на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер кои беа презентирани денеска во Europe house. Податоците кои се користени во анализите произлегуваат од анкетно истражување на јавното мислење спроведено во текот на месец ноември 2023 година на примерок од 1000 испитаници.

 

Back to top button
Close