Опозициската „Србија против насилството“ бара поништување на изборите во Белград и ги повика белграѓани на протест

Опозициската коалиција „Србија против насилство“ објави дека Спрската напредна партија (СНС) – матичната партија на Александар Вучиќ – на изборите во Белград освоила 21 000 гласа повеќе од нивната листа. Опозиционерите обвинија дека во Белград организирано биле донесени над 40 000 луѓе без легален престој за да ја поддржат листата на СНС што, како што велат, драстично ја променило изборната волја на белграѓани.

„Нема збор дека СНС победи во Белград, и покрај изборната кражба и носењето луѓе од страна. Според информациите на опозицискиот блок, издадени се 40 000 лични карти за луѓето да дојдат да гласаат со белграѓани. Луѓето кои не се од Белград беа донесени да гласаат во Белград“ изјави синоќа Мирослав Алексиќ, еден од лидерите на коалицијата „Србија против насилството“.

„Сведоци сме на невидено изборно насилство. Она што се случи денеска низ цела Србија не може да биде нешто што можеме да го прифатиме како резултат на демократски и фер избори“,додаде тој.

Обвинувајќи за кражба на изборната волја, опозиционерите од „Србија против насилството“ синоќа побараа поништување на изборите во Белград и повторување на гласањето за градското собрание. Побараа и „прочистување на избирачкиот список“ и најавија протест.

Според најавите, протестот ќе почне денеска во 18 часот пред зградата на градското собрание во Белград, а ќе продолжи пред седиштето на Републичката изборна комисија (РИК).

Српската напредна партија претходно ги отфрли обвинувањата за менување на изборната волја на граѓаните. Претседателот на СНС, Милош Вучевиќ, изјави дека е „извесно“ оти нивната листа победила во Белград и оти верува оти Александар Шапиќ ќе биде, како што наведе, „стариот нов или новиот стар“ градоначалник.

Back to top button
Close