Општините ќе конфискуваат место да уриваат дивоградби
Оштините во иднина ќе можат да конфискуваат дивоградби и да ги пренаменат за сопствени потреби. Една година откако градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски поднесе до ЗЕЛС иницијатива за регулирање, конфискација и пренамена на бесправно изградени објекти, Собранието го донесе Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист, одземени предмети во кривична и прекршочна постапка.
Станува збор за Иницијатива со која на сите локални самоуправи во државата им се дава можност за конфискација на бесправно изградените објекти на нивна територија и нивна пренамена во функција на општината.
Две можности
„Прифаќањето на Иницијативата за конфискација и пренамена на бесправно изградени објекти и нејзино преточување во законско решение е победа на Општина Центар, но и сите други општини во државата“, вели градоначалникот на Општина Центар.
Собранието на 19 март, го донесе Законот за управување со конфискуван имот, каде во Членот 66 е преточена иницијативата со која се дава можност Агенцијата за конфискуван имот врз основа на одлука на Владата, дивоградбата да ја предаде на општината.
„Ова значи дека ние, општините, имаме две можности или да го легализираме објектот, или доколку има услови истиот да го урнеме во рок од 6 месеци од прием. Доколку одлучиме да го легализираме, ќе можеме да го дадеме на социјално ранливи категории на граѓаните или на користење за разни културни, пензионерски, младински домови“, изјави денеска (28.03) Герасимовски.
СкопјеСкопје
Во Општина Центар има дивоизградени објекти и на државно земјиште и во зелена зонаФотографија: DW/P. Stojanovski
Објектите не можат да се отуѓуваат
Новото законско решение налага локалните самоуправи да не можат да го отуѓат објектот на градежни фирми или други субјекти кои се работат со недвижности, што, според Герасимовски, значи дека се иззема каква било можност за профит на сметка на нелегално изградените објекти.
Новиот Закон за управување со конфискуван имот не се однесува за дивоградбите кои се на приватно земјиште, за кои веќе се води инспекциска постапка за рушење или се води постапка за легализација.
Иницијативата која наиде на поддршка и кај другите градоначалници, мораше мораше да ги помине институционалните процедури во Министерството за транспорт и врски, Министерството за правда и Собранието.
Проценки
Проценките се дека во земјата има речиси 100 илјади дивоградби. „Во Општина Центар има дивоизградени објекти и на државно земјиште и во зелена зона“, вели Герасимовски и додава:
„За онеспособување на два такви поголеми објекти сумите се енормно високи, околу 5,5 милиони денари за две згради да ги оневозможиме да бидат функционални. Но, сега, со новото законско решение место дувло на бездомници, како што е најчесто во реалноста, дивоградбите ќе можат да се пренаменат и за други потреби односно да бидат или пензионерски домови, креативни работилници или клубови за млади или пак предадени за социјално загрозени семејства“, вели градоначалникот.
Средствата планирани за уривање на нелегални објекти општините ќе може да ги пренаменат во други потреби за граѓаните. Општините се надеваат дека со донесувањето на ова законско решение ќе се превенира урбанистичкиот хаос, а градежниците ќе треба да се запрашаат дали ќе градат без одобрение за градба.
Предлозите за конфискација на дивоградбите место нивно уривање лани предизвика различни реакции во јавноста. Од граѓанската иницијатива Шанса за Центар тогаш оценија дека станува збор за популистички предлози, со оглед на тоа дека конфискацијата на бесправно изградени објекти како инструмент веќе е предвидена во Кривичниот законик. (Dw)