Орлиња

                           

 м-р Глигор Стоименов

На почетокот на оваа предизборна кампања ниту на крај памет не ми беше дека ќе пишувам некој ваков текст за некои теми и прашања кои одамна ги затворивме. Ама што да правиме, едноставно немаме избор.

Кога пред две три недели еден наш академик на твитер напиша нешто што имаше лоша конотација и ги засегаше меѓунационалните односи целата наша заедница се крена на нозе и реагираше токму така како што треба, потоа следеше експресно бришење на твитот и некако како да имаше едно тивко покајување и оправдување од нејзина страна, но сето тоа заврши за два часа. Ете така изгледаше реакцијата на една цивилизирана нација кога некој на било каков начин ќе се обиде да навреди или омаловажи некого на национална основа.

Деновиве на почетокот на ова предизборие а и нешто пред тоа сведоци сме како една политичка партија која самата си земала за право да се смета за единствен застапник на албанските интереси во Македонија, на голема врата ни промовира вовед во една примитивна националистичка кампања за овие избори. Но со тој националистички стап со кој не маваат сега нема да им вратиме, ќе се обидеме цивилизирно и културно да им објасниме и да ги поучиме дека така нема да може.

Вчера беше сменет директорот на Центарот за Јавно Здравје кој се обиде со еден подмолен националистички трик во полза на својата партија да ги излаже Албанците дека тој нешто издејствувал да се отворат границите за да дошле Албанците да гласаат, абе ајде, никој не го потценувал толку сопствениот народ. Според мои информации тој директор за ништо не бил прашан во врска со оваа работа а не пак да одлучува за границите, епска глупост и националистичка провокација. Но уште пострашно од ова е соопштението на ДУИ по овој настан, демек оваа смена била насочена против Албанците и сега тие треба масовно да дојдат и да гласаат за ДУИ нели, и секако нивната понуда за да не ги сменуваат по национална основа. Оваа грозна националистичка реторика и овие спинови кои ги прават ќе продолжат да ги прават во текот на цела изборна кампања,  СДСМ и коалицијата треба да бидат спремни, ќе има уште вакви местенки, подметнувања и провокации за да успеат да украдат од СДСМ некој албански глас повеќе. Но и ова не е најстрашно. Најстрашно е тоа што за своја политичка корист и опстанок спремни се да згазат се што градевме со една макотрпна борба во овие две три години, а тоа е концептот едно општество за сите каде што сите ќе имаат своја шанса и нема да биде битно која националност си, туку дали те бива или не, се обидуваат да го рушат овој концепт, секако дека нема да успеат.

Инаку да Ви кажам искрено коса ми се дига на глава кога ќе слушнам националисти како паламудат нешто и се прават паметни. Во изминативе години водевме битка со многу бараби, особено со оние лажни патриоти од ВМРО-ДПМНЕ а сега гледам и како овие од ДУИ сакаат со тоа оружје да бијат битки. Ги слушам деновиве функционериве од ДУИ и сето тоа изгледа грозно, многу грозно. Преку ден не мафтаат со празни фрази колку они се залагаат за европски вредности а навечер ни пуштаа од Калето некои светлечки реклами, на нивните митинзи се претвораат во националистички орлиња, па одат по разни телевизии и ги повторуваат оние стари излитени националистички фрази од типот “сега е нашето време“, “сега е времето на Албанците“, добивме претседател на Собрание, министер за одбрана, сега ќе добиеме премиер, утре претседател и се така, понатаму. Од нивните интервјуа и настапи добивате впечаток дека кај овие луѓе времето како да застанало во 2001 година. Повторно ја враќаат таа 2001 и отвораат стари рани, ало бре, па тие теми мислев сме ги затвориле, си подадовме рака да живееме заедно и да се почитуваме, ова кон ништо не води.  Брутално и примитивно со своите изјави го провоцираат мнозинскиот Македонски народ и брутално ги лажат, манипулираат и заглупуваат и Албанците со нивната уценувачка понуда за Албанец- премиер, демек они, ДУИ, им го подобриле животот на Албанците па сега им останало само премиер да имаат. Време им е за опозиција, тоа ќе им го кажат на 15 јули.

Јас навистина не знам и се прашувам кое е тоа нивно време што треба да им дојде, но едно знам дека ова е една фарса и измама што сакаат да им ја приредат на Албанците за да добијат некој глас повеќе а воедно и да им земат на СДСМ некој албански глас повеќе, исто така сакаат и да им отворат пат на ВМРО-ДПМНЕ со една спотер националистичка политика да го поставуваат постојано прашањето во наредниот период за тоа кој ќе дозволи Албанец-премиер секако сугерирајќи им на гласачите дека тоа ќе биде Зоран Заев. Патриотите од ВМРО-ДПМНЕ на почетокот молчеа на оваа понуда во оваа игра со ДУИ и не очекуваа дека Зоки Заев баш така ќе ги заебе и во истиот час ќе им каже на овие надежни орлиња дека од таа работа нема ништо, ќе бидат опозиција што и верувајте дека ќе се случи. Патриотите од ДПМНЕ сега ќе одат на план Б, ќе бидете сведоци како во наредниот период ќе врескаат повторно од митинзите како они нема да дозволеле Албанец премиер, па ќе зборат пак за Тиранска платформа, па они ќе ја сочувале Македонија ваква каква што е, инаку другите не, ќе повторуваат како папагали дека СДСМ ќе попушти за Албанец-премиер и дрн дрн јариња.

Но треба неколку работи да им кажаме на ДУИ и сличните како нив. Кога сме веќе кај оваа понуда за Албанец-премиер ајде реално да признаеме дека на нив им е битно Албанец-премиер колку и ланскиот снег. Тоа се виде со нивниот избор на Насер Зибери. Џабе само ќе го стават човекот во една незгодна позиција за која и тој самиот пред десетина дена се изјасни дека е фарса и самиот не верува во тоа, меѓународна поддршка немаат никаква и така се ќе заврши. Велам воопшто не им е битно премиер туку имаат сосема други намери кои веќе ги кажав, едноставно играат за себе поради свој опстанок во владата затоа што имаат паднат и веќе изедначен рејтинг со другите албански партии, играат за да му вратат на СДСМ и да му земат гласови затоа што ги откачи поради БЕСА, но играат и за ВМРО-ДПМНЕ.

Но знаете како, треба да знаат дека таа 2001 одамна е зад нас и сега ништо не е слично како тогаш. Во оваа наша Македонија која е демократска, суверена и унитарна држава, членка на НАТО и земја која ги почнува преговорите со ЕУ, навистина ништо веќе не е исто и нема да биде исто. Премиер може да биде и Албанец и тоа не е ништо спорно, но може премиер да биде и Турчин, може да биде и Бугарин, може и Србин, секој оној кој ќе обезбеди поддршка од 61 пратеник, така е тоа во демократија, но премиер со уцена нема да има затоа што тоа не е израз на еднаквост во општеството, во цивилизирани демократски општества не ги бираме премиерите по националност и со уцени, тоа нема никогаш да пројде. Има многу квалитетни луѓе од сите националности што може да бидат премиери само треба да добијат поддршка во парламентот. Оној кој ќе победи или формира мнозинство ќе биде премиер. Ние имавме претседател на Собрание, Албанец, зад кој застанаа мнозинството пратеници и тоа не беше со уцена туку со волја на мнозинство пратеници и ништо не беше страшно, одговорно тврдам дека беше десет пати подобар од претходниот кој беше Македонец во многу аспекти, дури неспоредливо.

Сега бар работите и за Македонците и за Албанците како и за сите други се многу појасни. За време на оваа кампања ќе ги слушаме уште долго овие од ДУИ како ги манипулираат своите гласачи и се фалат дека они биле заслужни за НАТО, за ЕУ, за законот за јазици, ги набројуваат високите функции што ги добиле во оваа влада како да тие самите тоа го направиле.

Не почитувани, тоа што се случија позитивни промени во насока на поголема инклузивност на Албанците во општеството и тоа што подобро се чувствуваат во оваа влада и со оваа политика е заслуга на оние што имаа волја и концепт да ја бранат и спроведат идејата едно општество за сите. Али Ахмети и ДУИ се најмалку заслужни за тоа. Тие беа пред тоа десет години на власт со ВМРО-ДПМНЕ па правеа само бизнис и ништо друго, парите и моќта им беа приоритет, но тоа време за среќа е зад нас. Денес кога уште ги слушам дека тие биле заслужни за НАТО и ЕУ е тоа е исто како јас да кажам дека сум заслужен за тоа што Вардар стана европски шампион во ракомет затоа што навивав за Вардар.

Но денес Албанците реално и немаат некој голем избор за кој да гласаат доколку сакаат да продолжи оваа политика на едно општество за сите. Во спротивно треба добро да знаат и да бидат свесни дека овој пат гласот за ДУИ ќе значи и глас за ВМРО-ДПМНЕ, затоа што без проблем доколку им се укаже можност ќе се спојат повторно и око нема да им трепне, па ќе тераат од таму кај што застанаа пред три години, ако не може со пари може со многу пари, тоа е нивната политика.

Кај Македонците пак мислам дека ситуацијата е уште појасна. Тие имаат опција да останат на оваа линија на прогрес и развој, на отворен пат и перспективи на нашата земја, која е веќе членка на НАТО и која ги почнува преговорите со ЕУ, едноставно на линија на иднината или пак да одберат повторно нова неизвесност со нови политички кризи, нови барикади, нови блокади и се она на што се изнагледавме во изминатава деценија, едноставно да одберат од една корона криза да влезат во нова политичка и економска криза, епа доста е веќе од кризи.

Но исто така не можам да не искоментирам нешто на почетокот на оваа кампања. Имено сум се изнагледал глупави предизборни спотови од сите страни но како овие спотови на Христијан и на ВМРО-ДПМНЕ, одамна немам нешто такво гледано, очигледно креативноста и идејата им избегала. Но тука се секако бомбите да го држат интересот. Веројатно им се разјаснува на граѓаните кој е кој во државата, кој стои зад Рекет, кој садел тикви со Орце, со Милески, ех вистината е како шило.

Но за среќа почитувани веќе се насетува која опција на 15 јули ќе ја изберат Македонците, Албанците, Турците, Србите, Ромите и сите останати, па за некој месец повторно ќе ја ставиме државата во еден нормален колосек, се повеќе сум убеден во тоа.

 

 

 

 

Back to top button
Close