Осум српски полицајци уапсени под сомнение дека го претепале до смрт братот на осомничениот за убиството на Данка Илиќ

Осум припадници на Управата за криминалистичка полиција при српското Министерство за внатрешни работи се уапсени под сомнение дека до смрт го претепале Далибор Драгиевиќ, брат на еден од осомничените за убиството на двегодишната Данка Илиќ, соопшти Вишото јавно обвинителство во Ниш.
Осумте полицајци се осомничени за нанесување тешки телесни повреди со смртни последици, како и за соучесништво во малтретирање и тортура. На приведените им е одреден притвор до 48 часа, по што треба да бидат изведени пред обвинителството на распит.
Обвинителството во Ниш соопшти дека и претходно издало наредби за апсење на осомничените полицајци, но Секторот за внатрешна контрола при Министерството за внатрешни работи тогаш не ги спровел.
Драгиевиќ почина на 7 април 2024 година во полициската станица во Бор, откако беше приведен и испрашуван во врска со истрагата за исчезнувањето на девојчето. Полицијата првично соопшти дека тој починал од природна смрт, но обдукцијата подоцна утврди дека причина за смртта било насилство.
Далибор Драгиевиќ беше брат на Дејан Драгиевиќ, еден од двајцата работници на комуналното претпријатие во Бор, обвинети за убиството на двегодишната Данка Илиќ, која исчезна на 26 март 2024 година во населбата Бањско Поле, во близина на Бор, додека била со семејството.
По десетдневна потрага, беа приведени Дејан Драгиевиќ и Срѓан Јанковиќ, вработени во општинското претпријатие „Водовод“ во Бор. Според обвинението, двајцата биле во службено возило кога го удриле детето, го ставиле во автомобилот, а потоа го фрлиле телото на депонија, од каде подоцна го преместиле на непозната локација. Телото на девојчето и натаму не е пронајдено.
Двајцата првично го признаа кривичното дело, но подоцна ги повлекоа признанијата и негираа дека го убиле детето.
На 30 октомври 2026 година во Неготин заврши подготвителното рочиште во постапката против Драгиевиќ и Јанковиќ, а почетокот на главниот судски процес е закажан за втората половина на ноември. Обвинителството побара доживотен затвор за двајцата обвинети.
Таткото на Дејан Драгиевиќ, Радослав, против кого првично исто така беше покренато обвинение за прикривање на кривичното дело и помагање на сторител, повеќе не е обвинет во постапката, откако судот ја запре постапката против него.






