Јовески: И без Рускоска предметот за Рашковски се води непречено
Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески во изјава за Дојче веле демантираше дел од тезите на поранешната шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска, изнесени во вчерашното издание на Топ тема.

„Ќе истакнам неколку факти кои ги демантираат изнесените тези. Што се однесува до тврдењата за наводни притисоци во предметот против Рашковски, јавноста може да се увери дека и по суспензијата на Русковска постапката во овој предмет непречено се води пред Судот. Станува збор за предмет во кој секако постапува друг јавен обвинител. А колку што ми е познато, Вилма Русковска сама се пријави и на последниот оглас за избор во Републичкото обвинителство“ изјави државниот јавен обвинител.
Тој се осврна и на одредени странични алузии упатени на негова адреса, по постапката за дисциплинската одговорност на Русковска.
„Предлогот за мој избор за уставен судија беше даден на седница на Комисијата за избори и именувања на Собранието на РСМ во средината на мај минатата година, односно повеќе месеци пред да се покрене постапка за дисциплинска одговорност на наведената обвинителка, па не може да стане збор за какво било мое ‘наградување’ за поведената дисциплинска постапка“, вели Јовески.
Рускоска во вчерашното издание на Топ тема изјави дека предлогот за нејзино разрешување е резултат на истрагата што таа како шефица на Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција ја отворила за Драги Рашковски кој беше генерален секретар во Владата на Зоран Заев.
Додаде и дека имала притисок и закани да се откаже од шефовското место, а за возврат и било понудено да стане заменик републички Јавен Обвинител. Со овие понуди, како што рече, „сакаа да ме фатат на пенал, а тоа е почнувањето предистрага за тогашниот директор на Финансова полиција, Арафат Муареми“.






