Паѓа влада

Ви пренесуваме дел од колумната на Горан Михајловски за СДК:

Среќа што СДСМ не мора да води сметка и за реформите во ДУИ, оти таа партија е реформистичка по дефиниција. Сѐ што пипнаа досега, и кога беа со ВМРО-ДПМНЕ и кога беа со СДСМ – позлатија. Почни од реформи на правосудството, на образованието, па реформи на поштенски услуги, железничко поврзување, Државен инспекторат за градежништво, Управен суд, Македонија пат… Од реформите на министрите и на директорите на ДУИ глава не можеме да дигнеме.

Што е надежно, најавуваат и дека ќе продолжат со исто темпо. Ќе работат за доброто на државата. Само уште да разјаснат за која држава ќе работат.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети е повикан од Специјалното обвинителство за воени злосторства на Косово во Хаг, како еден од основачите на ОВК и Член на Генералштабот. Тој објави дека „владеењето на правото и постигнувањето вистинска неселективна правда, домашна и меѓународна, се моја постојана цел и обврска“.

Е па, меѓународна правда е правда, а домашна правда е ДУИ правда. Оти, додека Ахмети зборува за неселективна правда, а Бујар Османи раскажува бајки за европска иднина, градоначалникот на Чаир Висар Ганиу со оглас го бара инвеститорот на дивоградбата кај Трговскиот центар „Мавровка“ во строгиот центар на Скопје. Оти таму со денови се гради, ама не се знае кој ги плаќа работниците. Па, прати му булдожер, да видиш како одма ќе се појави сопственикот.

Огромните столбови од армиран бетон што никнаа на местото на изгорено кафуле, на најпрометната раскрсница во главниот град на државата, се детал од една од многуте епизоди од серијата „Нерешени мистерии на ДУИ“. Исто како што остана мистерија како и зошто се запали зградата на главната пошта во Скопје, кој ги ограбуваше поштенските комбиња што превезуваа пари, кој и зошто ја нарача поштенската марка со симболи на фашистичката независна држава Хрватска од Втората светска војна…

Нерешена мистерија е и кој е сопственик на дивите платформи на Матка, дали кафеаната кај дивоградбите има дозвола за работа, дали кајчињата за превоз на туристи се регистрирани пловила, а кајчарите имаат дозвола за пловење, дали издаваат сметки, дали патниците се осигурани… А градоначалникот на Сарај Блерим Беџети, кој беше министер за правда во времето на владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, уште во февруари минатата година се закани дека ќе распише референдум за граѓаните да одлучат дали платформите на Матка се дивоградба. Реформаторот на правосудството ќе распишува референдум дали во Сарај треба да се почитува закон.

Нерешена мистерија е и кој гради на брегот на Охридското Езеро во Струга. Ама, тоа не е толку страшно, оти градоначалникот Рамиз Мерко вика: „Баш ме брига“.

Само во Охрид нема ништо мистериозно. Таму се знае дека дивоградбите ги гради општинскиот советник од ДУИ Нефи Усеини. Кому локалната власт не му може ништо, затоа што Нефи е ДУИ. А ДУИ е реформска партија со европски вредности. Со конструктивна политика за доброто на државата преточена во слоганот: „Паѓа зграда, паѓа Влада“. Оти државата и личниот интерес за нив се едно исто.

Целата колумна на СДК на следниот линк.

Back to top button
Close