Пак сме пред „историска седмица“

Катерина Блажевска

Опцијата да нема договор е најлошо можно сценарио“, оценува аналитичарот Џелал Незири во пресрет на средбата Ковачевски-Мицкоски.

Средба која може да биде историска за интеграцискиот процес на Северна Македонија, или рутинска средба со однапред познат исход – опозициско „не“ за уставните измени, кои пак се услов за одржување на Втората меѓувладина конференција и за отворање на поглавјата во преговорите со ЕУ?

Различни се позициите кај власта и опозицијата во пресрет на тет-а-тет средбата меѓу премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачески и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, закажана за среда (7-ми мај) во 11 часот. Досега, од опозициската партија повторуваа дека „нема да има уставни измени под бугарски диктат и под овие околности“.

Дали нешто може да се смени?

„До средбата, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, ќе изврши широки консултации со пратеничката група, коалицијата и Извршниот комитет. Ставот на партијата е дека уставни измени нема да има, и ова Собрание нема легитимитет за таков чекор. Очекуваме Ковачевски да излезе од стегите и заложништвото на ДУИ и да прифати да разговара за периодот што потоа – по фактот дека уставните измени нема да го имаат потребното мнозинство“, објаснуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ седиште Скопје
ВМРО-ДПМНЕ: Уставни измени нема да има и ова Собрание нема легитимитет за таков чекор

Мицкоски веќе најави дека одржувањето на лидерска средба би имало смисла ако од неа произлезе конкретен заклучок.

„Ако имаме лидерска средба без суштина и заклучок, подобро е да ја немаме!“ објави тој на Фејсбук.

Пристапот кон темите за разговор е различен: Ковачевски бара поддршка за уставните измени, Мицкоски прашува што потоа – откако нема да успеат.

Според Ковачевски, на средбата треба да се разговара за две теми: првата – за одлуките што треба да бидат донесени за продолжување на евроинтеграциите на РСМ, и втората – за пристапот во градењето добрососедски односи со сите соседни држави.

Мицкоски порачува дека единствено што ВМРО-ДПМНЕ го бара е да се почитува мислењето и ставот на повеќе од 80 проценти од населението кое порачува „не“ за уставни измени.

„Непоминувањето на уставните измени ќе биде дефинитивниот крај на оваа Влада и потребата на маса да се стави единствената разумна точка – оставка на Владата, народот да излезе масовно на избори и да одбере иднина“, рече тој минатата недела.

Услови и предуслови

Дали на таков заклучок ќе инсистира Мицкоски? Од партијата не откриваат детали. Некои од аналитичарите велат дека е сигурно оти во игра ќе влезат разни услови.

„Овие се клучни денови кога ќе дознаеме дали ќе има договор за уставните измени, или истите ќе се остават да чекаат некој нов поповолен момент“, вели аналитичарот Џелал Незири.

Димитар Ковачевски премиер Северна Македонија
Според Димитар Ковачевски, на средбата треба да се разговара за две теми: за одлуките што треба да бидат донесени за продолжување на евроинтеграциите на РСМ и за пристапот во градењето добрососедски односи со сите соседни држави

Според него, средбата Ковачевски-Мицкоски ќе ги покаже можностите за договор, но и дека не може да се очекува опозицијата безусловно да ги поддржи уставните измени кои произлегуваат од францускиот предлог, иако од нив зависи европската интеграција на земјата. „Мицкоски ќе ги стави на маса неговите барања, кои ќе бидат и предуслов за поддршка на измените. Тие барања можат да бидат широка владина коалиција, експертска влада или конкретни барања од интерес на ВМРО-ДПМНЕ, или пак комбинација на сите. ВМРО-ДПМНЕ е свесна дека ако ги блокира измените ќе се соочи со санкции од меѓународната заедница, што потоа би имало и политички реперкусии внатре во партијата. Но од друга страна, ќе мора да најде излезна врата од наративот против уставните измени, со која ќе ја оправдува пред членството можната поддршка. СДСМ може да не ги прифати барањата на опозицијата само во случај веќе да има убедено 9 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ да ги гласаат уставните измени, спротивно од партискиот став. Во спротивно ќе мора да прифати долга листа на услови од Мицкоски. Опцијата да нема договор е најлошото можно сценарио, од причина што земјата ќе губи многу драгоцено време во процесот за интеграција во ЕУ“, смета Незири.

Лажна или вистинска дилема

Од СДСМ потенцираат дека подеднакво пред сите партии и пратеници во македонското Собрание е одлуката интеграција во ЕУ или изолација, бидејќи нема друга опција.

„Сите политички субјекти, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ имаат обврска пред граѓаните и иднината на државата, со глас за Европа да дојдеме до остварување на уште една стратешка цел – членство во ЕУ. Кога се работи за државните и национални интереси оваа недела ќе стане јасно и што одлучил Христијан Мицкоски: дали ќе ја поддржи европската иднина или ќе остане во заложништво на Левица во антиевропскиот блок“, порачаа од СДСМ.

СДСМ седиште партија
СДСМ: Сите политички субјекти, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ имаат обврска пред граѓаните и иднината на државата

За коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ – Социјалистичката партија на Македонија (СПМ), лажна е дилемата – интеграција или изолација.

„Наметнувањето од власта на лажната дилема ‘интеграција кон ЕУ или изолација’, Социјалистичката партија на Македонија го оценува за нереална и провидна дилема која всушност постои внатре во самиот СДС. Ниту интеграцијата е извесна во сегашната констелација и поделеност во Унијата, ниту пак е можна изолација во глобалниот свет на понуди и можности“, порачаа од СПМ.

Врапче во рака или гулаб на гранка

Според Незири, ако францускиот предлог пропадне, што би значело неможност да поминат уставните измени, тогаш не се знае кога ќе има нов договор, а искуствата покажуваат дека секој следен може да биде полош од претходниот. Тој предочува и други околности кои може да ја остават РСМ надвор од фокусот на интерес.

„Ако се чекаат парламентарните избори, тогаш Албанија ќе се одвои од групата и ќе ги продолжи преговорите сама, со отворање на првите поглавјаод шесте кластери.

Потоа, освен кај нас, во 2024 година избори ќе има и во ЕУ, но и во САД, при што нема гаранции дека оваа посветеност на Брисел и Вашингтон за интеграција на земјата во ЕУ ќе продолжи и понатаму. Ако се земе предвид времето за основање на новите европски институции, кои може ќе имаат и други приоритети, тогаш може да се каже дека земјата го испушти возот за ЕУ, и ќе почека нов момент во група со Босна и Херцеговина и Косово. Тоа значи уште дополнителни 20 години чекање пред вратите на ЕУ“, посочува Незири.

семафор Европа
Ќе се фати ли возот за ЕУ?Фотографија: DW/Ani Ruci

Во меѓувреме, вели тој, Србија, Црна Гора и Албанија ќе станат членки на Унијата во период кога тој процес има значење на геополитичка итност заради руската агресија врз Украина.

„Останувањето во иста група со БиХ и Косово носи дополнителни ризици од причина што овие држави имаат проблеми кои се од територијална природа, за разлика од тој на Северна Македонија, кој е од историски карактер. Затоа, во овој момент треба да се резонира трезвено и да се остават настрана теснопартиските интереси и изборните стратегии“, сугерира Незири.

 

Back to top button
Close