Пановски за Призма: Вината за блокадата на Скопје е и кај Арсовска и кај ВМРО-ДПМНЕ
Јавен превоз што колабира, смет на сите страни, запуштен јавен простор, блокирани јавни претпријатија. Ова се само дел од проблемите со кои се соочува главниот град, а кои ескалираат во третата година од мандатот на актуелната скопска градоначалничка Данела Арсовска, која на оваа функција дојде како кандидатка на тогаш опозициската, а од неодамна владејачка партија, ВМРО-ДПМНЕ.
На локалните избори во 2021 година, оваа партија освои најмногу советници во 45-члениот градски Совет, кои почнаа да ја блокираат работата на Градот откако една година по изборите се разидоа патиштата на градоначалничката и раководството на ВМРО-ДПМНЕ.
Работите дополнително се разбрануваа деновиве, откако градоначалниците на скопските општини најавија дека ќе бараат владата да назначи свој повереник, за да ги расформира градските претпријатија за комунална хигиена и парковско одржување и да им ги предаде на општините.
Седниците се претворија во фарса, која трае веќе две години, и на која масло на оган долеваат нервозните јавни настапи на градоначалничката, пречестите смени на директори на јавни претпријатија и затвореност на градската управа.
Никола Пановски, кој е меѓу највозрасните советници во градското собрание, во разговор за БИРН, без задршка зборува за тоа како изгледаат седниците во Градот, каква е комуникацијата со градоначалничката, но и каде е вината за хаосот во кој најдебелиот крај го извлекуваат граѓаните. Тој стана советник во 2021 година, од листата на Коалицијата на ЛДП и ДОМ.
БИРН: Градот е блокиран и не функционира. Власта, сета одговорност ја префрла на градоначалничката, a таа, пак, обвинува дека советниците од ВМРО-ДПМНЕ ја блокираат во Советот. Според вас, каде лежи вината за моменталната состојба во Скопје?
Вината лежи и кај градоначалничката, а и кај советниците на ВМРО- ДПМНЕ, за кои мислам дека се под влијание на претседателот на партијата. Едноставно ја блокираат Арсовска и гледате дека таа политика многу лошо влијае врз градот, но не и на партијата. Тие не почувствуваа ништо од тоа што му го прават на Градот на парламентарните избори. Почувствува градоначалничката, која доби 1.300 гласа, а ВМРО-ДПМНЕ го зголеми бројот на гласови.
Но, ова за градот е многу лошо. Најголем парадокс е тоа што си ги блокираат своите програми, односно тоа што советниците на ВМРО-ДПМНЕ не го гласаат тоа што го ставале во програмата за градот.
Дури имаше и донации што советниците на ВМРО-ДПМНЕ не ги гласаа. Некој дава 50 илјади евра за градов, а вие не ги примате, без никаква дискусија. Не сакате ниту на дневен ред да ги ставите. Дотаму оди работата.
Втора работа е што ВМРО-ДПМНЕ не ги повлече членовите на управни одбори во јавните претпријатија и установи. Тие и понатаму си земаат хонорар, си одат на седници, ги гласаат извештаите и програмите за работа на јавните претпријатија кои кога ќе дојдат на дневен ред, советниците на ВМРО-ДПМНЕ не им ги изгласуваат.
Значи ова е еден таков невиден парадокс, кој премногу долго трае.
Од друга страна, градоначалничката, за што и да се спомне, само гледа да се скара. Со сите. И со мене лично, иако гласам за можеби и 90 проценти од нејзините предлози, бидејќи мислам дека се логични и во интерес на Градот.
Освен реченицата (на Арсовска) дека советниците доаѓаат на седница само за да си земат 500 евра паушал, кој веќе не е 500, туку 600, зашто е врзан со растот на платата, за друго нема разговор. Нема никаква совест, одговорност, само ги менува директорите… тоа е необјасниво
…
Интервјуто со Никола Пановски во целост прочитајте го тука