Паранојата се лечи, побарајте стручен совет!

И последното искуство на директорката на Клиниката за детски болести, д-р Аспазија Софијанова, алармантно укажува на состојбата во која се наоѓа (и) македонската јавна сфера кога се во прашање реакциите на ставовите на видни и квалификувани експерти во разни области, а особено за прашањата врзани за пандемијата.

Имено, после еден стручен став на д-р Софијанова, втемелен врз светските искуства во таа област, објавен во печатеното викенд-издание на „Слободен печат“ и на порталот на весникот, а којшто се однесува за евентуалното анти-ковид вакцинирање на деца постари од пет години, следуваше вистинска фејсбук харанга од непристојности и лични навреди на сметка на докторката, една одвратна кампања во која не останаа поштедени ни семејните ни стручните ни политичките ни човечките „димензии“ на нашата позната лекарка. Хистеријата се прошири и со некоректното и извадено од контекст пренесување на нејзиниот став и на еден-два овдешни познати партал-портали чијашто единствена смисла на постоење е негувањето на функцијата на жлездите за создавање плунка, на различни теми, кај нивните читатели.

 

Минатиот викенд, пак, некој незадоволен пациент ја фатил за гуша дежурната докторка во Охридската болница, а во текстот на колешката Мирослава Бурнс во „Слободен печат“ директорите на неколку скопски клиники говорат за постојаните закани и силното обезбедување што морале да го ангажираат за да се заштити здравствениот персонал од „правдата“ што разни граѓани мислат дека можат и физички да ја делат по клиниките и амбулантите. Докторите се принудени дури да имаат и црвени копчиња на телефоните за да ги притиснат за алармирање на болничките обезбедувања во зачестените случаи на агресивни вербални и физички инциденти. Заканите, пцовките, омаловажувањата продолжуваат и во приватните животи на лекарите и медицинските експерти и по завршувањето на нивните болнички смени.

 

Низ нашите болници отсекогаш имало пациенти и нивни роднини кои физички би се пресметале со лекарите. Но, заради пандемијава, ваквите недоличности сѐ почесто се поврзуваат со антиваксерските активисти и нивните истомисленици. Тоа добро го знаат и медиумските работници, новинарите и уредниците во сите медиуми, кои се изложени на слични секојдневни вознемирувања, лични навреди и закани дури и кога само ги пренесуваат ставовите на консултираните експерти од медицинската сфера. Создадената токсична атмосфера оди до таму што сѐ потешко се наоѓаат стручни соговорници кои се подготвени јавно да ги елаборираат темите врзани за вакцините и вирусната пандемија. Како да се има намера да се замолчат оние кои знаат прилично, за да се отвори уште поголем простор за оние кои не знаат ништо, а имаат многу што да кажат?!

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close