„Пари“: Корона-профитот до плафон, лабораториите лани ги дуплирале приходите
„Авицена“, „Биотек“ и „Синлаб“ минатата година бележат нестандардни бројки во вкупните приходи, пишува во анализата. Во 2018 приходите на овие три лаборатории биле 4,2 милиони евра, а 4,6 во 2019, додека лани вкупните приходи изнесувале 9,8 милиони евра
Епидемијата со ковид-19 била голем катализатор за остварување огромни приходи и добивки за приватните лаборатории, пишува финансискиот веб-магазин „Пари“ повикувајќи се на податоците од платформата „Бизнис мрежа“.
Во анализата се опфатени трите приватни лаборатории: „Авицена“, „Биотек“ и „Синлаб“, за кои пишува дека согласно завршните сметки синтетизирани од „Бизнис мрежа“, последните три години бележат постојан тренд на зголемување на вкупните приходи.
„Особено ова доаѓа до израз минатата година кога се остварени нестандардни бројки. Имено, ако вкупните приходи на сите три компании во 2018 година изнесувале 4.2 милиони евра, а во 2019 таквата сума се искачила на ниво од 4.6 милиони евра, за во 2020 година да се генерираат вкупни приходи од 9.8 милиони евра“,
пишува во анализата на „Пари“.
Поединечно, најголем успех минатата година евидентиран е кај компанијата „Авицена“, која успеала да оствари најголем приход во конкуренцијата. Порастот во апсолутна бројка изнесува 2.3 милиони евра, споредбено 2019 со 2020 година, додека процентуалниот пораст на приходи изнесува 105%.
Според анализата, втората по успех лабораторија, „Биотек“, го бележи најголемиот процентуален пораст на приходи во 2020 година од неверојатни 435%. Апсолутните бројки покажуваат дека оваа лабораторија успеа за една година да ја надмине „Синлаб“ и да го надомести гапот кој постоеше помеѓу овие две компании, во однос на вкупен приход.
„Во 2019 година „Синлаб‘ имаше 1.3 милиони евра поголеми приходи од ’Биотек‘, но ковид-19 беше иницијалната каписла за во 2020 година работите сосема да се променат. Минатата година ’Биотек‘ ги надмина приходите на ’Синлаб‘ за 325 илјади евра, иако и ’Синлаб‘ генерираше пораст од 32% – пишува во веб-магазинот „Пари“.
Целата анализа можете да прочитате ТУКА.