Париз: Путин постави нереални услови за прекин на огнот
Рускиот претседател Владимир Путин постави „услови кои не изгледаат реални“ за прекин на огнот во Украина, особено барањето за суспензија на западната воена помош за Киев, изјави портпаролката на француската влада Софи Прима, еден ден по разговорот на шефот на руската држава со неговиот американски колега Доналд Трамп, пренесоа француските медиуми.
„Владимир Путин постави услови кои не изгледаат реални, барем за Европејците и Украинците, особено суспензијата на сета помош на Западот за Украина“, рече таа по состанокот на француската влада. „Има уште долг пат“, нагласи таа.
Францускиот претседател Емануел Макрон и неговиот украински колега Володимир Зеленски предложија првично едномесечно примирје за инфраструктурата за вода, воздух и енергија. САД и Украина подоцна формулираа заедничко 30-дневно примирје кое не беше прифатено по телефонскиот разговор меѓу Трамп и Путин.
Портпаролката Прима, исто така, фрли сомнеж во реалноста на делумното примирје, наведувајќи дека украинските енергетски капацитети биле подложени на руски удари изминатата ноќ.
„Разговор меѓу претседателот Трамп и претседателот Путин не може да заврши со договор додека самите Украинци не бидат дел од дискусијата и додека Европејците не бидат дел од дискусијата“, нагласи таа.
За таа цел, Макрон секојдневно разговара по телефон со Трамп, со Зеленски и со неговите европски колеги, истакна таа