Парламентарни избори во Албанија ќе се одржат на 11 мај 2025 година

Албанскиот претседател Бајрам Бегај попладнево потпиша уредба со која  парламентарните избори во земјата ќе се одржат на 11 мај 2025 година.

За овие избори, 11-ти по ред по падот на тоталитарниот режим, претседателот  имаше на располагање четири датуми( неделни денови) од 15 април до 15 мај 2025 година.

– Основната причина за одредување на датумот 11 мај 2025 година како датум за одржување на овие избори лежи во потребата искажана од страна на Централната изборна комисија (ЦИК)  да се искористи целото време на располагање за подготовка на правната и организациска  инфраструктура,  со цел да се овозможи успешно и ефективно гласање на Албанците од странство, стои во соопштението од кабинетот на Бегај.

Се додава дека „Претседателот на Републиката изразува уверување дека главниот предизвик на овие избори е гласањето од странство и масовното вклучување на гласачите кои живеат во странство во овој суштински процес за демократијата”.

-Сите политички сили јавно ја изразија својата решеност да го помогнат овој процес и датумот на изборите да го подредат на овој приоритетен интерес- гласањето на дијаспората, што се случува за првпат. Претседателот на Републиката целосно се придружува и недвосмислено ја почитува оваа волја, како и ставот на ЦИК,  се нагласува меѓу другото во соопштението.

Консултациите со политичките партии Бегај ги почна на 19 минатиот месец со средбата со четири помали политички партии, кои му предложија изборите да бидат на 4 мај.

Опозициските демократи ја одбија поканата оценувајќи дека “се е фарса бидејќи датумот веќе е одреден од Еди Рама”. Ставот на Партијата на слободата на Илир Мета беше  дека “се согласува со кој било датум, само не со оној кој ќе го предложат социјалистите”.

Консултациите ги заокружи на 25 ноември со средбата со Социјалистите кои го предложија 11 мај “за да се има повеќе време за подготовка за гласање на дијаспората”.

Истиот ден  Бегај се сретна и со Челибаши кој по средбата кусо изјави дека “11 мај е најсоодветен датум, бидејќи дава дополнително време за да се подготват за изборите”.

Последните парламентарни избори беа спроведени на 26 април 2021 година, кога социјалистите освои 77 од вкупно 140 пратенички места.

Од 2013 година последователно во сите изборни циклуси триумфира партијата на Еди Рама.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close