Патување во ЕУ од 1 јули

Европската комисија планира да ја продолжи забраната за сите не-неопходни патувања во ЕУ до крајот на месецов, а потоа постепено да ја укинува. Ограничувањата беа воведени на средината на март, пишува Дојче веле.

Од Европската комисија велат дека ова е последното продолжување на ограничувањата за патувања кои требаше да завршат на 15 јуни. Брисел во соопштение наведува дека до крајот на месецов ќе почне со „прогресивно“ отстранување на ограничувањата.

„Ограничувањата ќе бидат тргнати за земјите кои ќе бидат заеднички одбрани од земјите-членки врз основа на принципи и објективни критериуми како здравствената ситуација, способноста да се спроведат превентивни мерки и реципроцитет“, соопшти Комисијата.

„Меѓународното патување е клучно за туризмот и бизнисот, како и за спојување на семејствата и пријателите“, вели комесарката за домашни работи на ЕУ Илва Јохансон.

„Иако мора да останеме претпазливи, дојде време за да се направат конкретни подготовки за отстранување на ограничувањата со оние земји кај кои здравствената ситуација е слична на онаа во ЕУ и за продолжување на визните операции“, рече Јохансон.

Според еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, ЕК предлага од 1 јули веднаш да се отстранат ограничувањата за сите земји од Западниот Балкан, вклучително и Северна Македонија.

Back to top button
Close