Паузата од социјалните мрежи носи повеќе придобивки за психичкото здравје

 Долг е списокот на познати личности кои направија долга пауза од социјалните мрежи последниве години, вклучувајќи ги Ед Ширан, Бритни Спирс, Мајли Сајрус, Селена Гомез и Џастин Бибер – сите тие беа во фаза на тн. „дигитална детоксикација“.

Како што пишува Дојче веле, причините за тоа се различни – премногу коментари со омраза, премногу време пред мониторот, умор од „глумата“ на социјалните мрежи… Интернет-просторот предизвикува контроверзии и во политиката. Германскиот министер за економија, Роберт Хабек, на пр., го напушти Твитер во 2019 година и не се врати оттогаш, иако некои други политичари ја користат платформата барем еднаш на еден час – за да го кажат своето мислење.

Хабек на својот блог тогаш напиша: „Твитер е агресивен како ниедна друга социјална мрежа, и ниеден друг медиум нема толку омраза, злоба и говор на омраза“. – Тоа беше една од најмудрите одлуки што ги донесов во мојот живот!, рече потоа тој.

Според истражување на дигиталното здружение „Битком“, оваа година 10 насто од луѓето во Германија сакаат повторно да бидат „офлајн“, а околу 43 отсто веќе го сториле тоа, за повторно да се чувствуваат подобро.

Бројни трудови ги разгледуваат последиците на Инстаграм, Твитер и другите социјални медиуми.

Според Универзитетот на Бат во Велика Британија, дигитална пауза од само една недела ја подобрува општата благосостојба и ја намалува анксиозноста и депресијата. Фактот дека резултатите се вакви може да се потврди со истражувањата.

Други трудови, исто така, гледаат врска меѓу времето минато на интернет и депресијата. Сепак, се вели дека е тешко да се докаже што доаѓа прво. Можно е и луѓето со склоност кон депресија да ги користат социјалните мрежи почесто од другите.

Испитување на Универзитетот на Абу Даби од 2019 година, пак, ги покажува и негативните последици од дигиталната детоксикација. Некои корисници пријавиле стрес и осаменост за време на апстиненцијата од социјалните мрежи.

– Важно е сами да одлучиме колку време сме на мрежите и што правиме таму… Влијанието на социјалните мрежи секогаш зависи од личноста на корисникот, изјави активистката Кристин Лангер.

Друг фактор за лошите влијанија е тоа што социјалните мрежи, додека едни заработуваат од сѐ тоа, други чувствуваат притисок и завист кон останатите корисници на кои наводно им оди подобро во животот.

Back to top button
Close