Пендаровски ја осуди изјавата на Силјановска за помилувања за 27 Април: Нападнат беше уставниот поредок, пратеници и новинари

Претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, вчера во емисијата Вин-Вин на ТВ Телма изјави дека доколку стане претседателка ќе ги помилува лицата осудени за упадот во собранието на 27-ми aприл 2017.

-Така ќе дојде до помирување – изјави таа.

Актуелниот претседател и кандидат на СДСМ за нов мандат Стево Пендаровски индиректно ја осуди изјавата на Силјановска и притоа ја поздрави одлуката на Уставниот суд во врска со тие настани.

-Се реферирам на одлуките што Уставниот суд ги донесе во последниот период во однос на трагичните настани од 27 април 2017 година што се случија токму во оваа зграда. Освен нападот кон нашиот демократски уставен поредок и насилството кон пратеници, нападнати беа и новинарските екипи кои известуваа од конститутивната седница на Собранието.

Во обид да се спречи мирна транзиција на власта, насилна толпа организирана од структури на тогашната власт нападна новинари во обид да ги спречат да ја известат јавноста за случувањата. Вашите одлуки со кои утврдивте повреда на правото на слободно изразување на мислата се праведна сатисфакција, не само за нападнатите новинари, туку и за целокупната демократска јавност во нашата држава – порача Пендаровски.

Тој, исто така, оцени дека со своите одлуки Уставниот суд покажал исклучителен сензибилитет за националните, но и за меѓународните стандарди за почитување и заштита на човековите права и слободи и побара, за да биде поуспешен во тоа, да се воведе уставната тужба како правно средство за заштита на правата и слободите.

Back to top button
Close