Пендаровски се сретна со Шаленберг, Логар и Кулханек: Час поскоро е неопходно одржување на првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и С.Македонија
– Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими министрите за надворешни работи на Република Австрија, Александер Шаленберг, на Република Словенија, Анже Логар и на Чешката Република, Јакуб Кулханек.
На средбата, како што соопшти Кабинетот на претседателот, се разговараше за евроинтеграцијата на Северна Македонија и регионалните предизвици на земјите од Западен Балкан.
Соговорниците разменија мислења и информации за актуелните случувања поврзани со почетокот на пристапните преговори на нашата држава за членство во Европската Унија. Тие упатија порака дека час поскоро е неопходно одржување на првата меѓувладина конференција меѓу Европската Унија и Северна Македонија, а секое натамошно одложување ќе го наруши кредибилитетот на процесот на проширување на Европската Унија.
Претседателот Пендаровски истакна дека високо ја цениме австриската, словенечката и чешката постојана и гласна поддршка за нашата интеграција во Европската Унија во рамки на европските институции.
Во тој контекст, претседателот го нагласи значењето на неодамна одржаниот состанок во рамки на Процесот Брдо-Бриони, на кој беше усвоена заедничка декларација и се испрати силна порака за важноста на процесот на проширување што мора да биде побрз и да не се фокусира само на одделни земји, туку на целиот регион на Западен Балкан, стои во соопштението.