Пендаровски: Тезата дека новото нормално ќе го преплави светот е опасна, истрчувањето рамо до рамо со Трамп е гол политички аматеризам
Ме загрижува нашето позиционирање во однос на администрацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп. Ставот на премиерот Христијан Мицкоски, по враќањето од Америка, дека треба да се навикнеме на ова ново нормално и дека тоа ново нормално ќе го преплави светот, е опасна теза, смета поранешниот претседател Стево Пендаровски.
Тој смета дека Македонија како мала држава, не смее да истрчува и да затстанува рамо до рамо со Трамп, против ЕУ, имајќи предвид дека големите држави мерат и мудро вагаат каде и како ќе се позиционираат.
„Прво, тоа ново нормално не ја преплави Америка, не ја преплави американската политичка сцена, таму си има јасно позиционирана опозиција. Новото нормално, според мене, нема да го преплави ниту северноамериканскиот континент ниту Европа, новото нормално не ги преплави Мексико и Канада. Америка има двајца сојузници во светот, само со две држави има посебни релации, Велика Британија и Израел. Британија не ја преплави новото нормално. Десет години од Брегзит, Британија е поблиска до Брисел и Париз, отколку до Вашингтон. Ние сме мала држава, ние не сме светска велесила, туку меѓу најмалите на Балканот и нас не ни личи да истрчуваме, да бидеме брзи и први да се позиционираме до Трамп. Ако најголемите од Г7 не се наредија рамо до рамо со Трамп после изборите, туку вагаат, мерат кои се нивните интереси и што со ваквиот претседател на САД можеш да постигнеш за својата држава, не можам да разберам што е ова истрчување знаејќи дека сме многу мала држава со мали ресурси“,
изјави Пендаровски во вечерашното гостување во „Тема на денот“ на Сител.
Тој потенцира дека првпат се случува двете глави, ЕУ и САД, да бидат на различни страни и затоа е многу важно Македонија да внимава и да не се истрчува.
„Јас не велам дека ние не треба да се дружиме со Американците и да бараме нивна поддршка. Ние сме членка на НАТО, но сакаме да бидеме и членка на ЕУ. Првпат се случува двете глави, САД и ЕУ да бидат на различни страни и затоа ние како мала држава не смееме да бидеме за едниот против другиот. Големите ќе се договорат меѓу себе, а нас ќе ни замерат. Не смееме да бидеме коспонзор на резолуција на чија иста страна се Северна Кореја и Белорусија. Друго се пријателските односи. И Борис Трајковски беше пријател со Џорџ Буш, но во носењето одлуки на глобалната политичка сцена, тие пријателски односи немаат врска. Тоа што нашиве тврдат дека се пријатели со Ричард Гренел и тој ќе им го решел проблемот, тоа не оди така. Играат само интересите. Два примери – два човека – Александар Вучиќ и Еди Рама, имаат пријателски и семејни односи со Трамп и со членови на неговата администрација. Дали беа коспонзори на резолуцијата? Не, чекаат, не се истрчуваат и мудро вагаат“рече Пендаровски.
Во однос на блокадите од Бугарија и односот на Европската Унија кон Македонија, која покажа дека може да избегне вето од одредена земја членка ако тоа го сака, Пендаровски вели дека е точно оти брањата на Бугарија се непринципиелни и поддржани од членките на Унијата, но нагласи дека актуелниот американски претседател е трансакционен претседател, односно, колку ќе платиш, толку ќе имаш.
„Ние треба да видиме што можеме да понудиме кај ваков Трамп во однос на Бугарија – ништо, практично ништо. Кај трансакционен претседател ние имаме многу малку што да понудиме – зборувам за пари и ресурси. Бугарија има далеку подобра стратешка позиција од нас“,нагласи поранешниот претседател и додаде дека истрчувањето и давањето изјави од типот новото нормално ќе го преплави светот, е гол аматеризам во политиката.
Во однос на нашето позиционирање кон Унгарија, Пендаровски смета не е добро да бидеме дел од исти регион со Унгарија.
„Што ние заеднички имаме со Унгарија за да бидеме во исти регион. Не сме во ЕУ, во ред. Но зошто да бидеме само со Унгарија и Србија, зошто да не бидеме со уште 4-5 држави во околината. Ние земаме кредит од Унгарија, зошто ни е таа специјален економски партнер. Зошто само со Унгарија, зошто не Швајација на пример? Виктор Орбан во Европа е последниот автократ. Не би требало држава која нема доизградена демократија, да речеме дека од него ќе учиме и дека тој ќе не внесе во некаков нов регион каде што ќе биде супер демократија“,рече Пендаровски.
Тој нагласи дека Орбан никогаш не рекол дека ја поддржува идејата за условни уставни измени со кои Бугарите би влегле во Уставот дури откако ќе станеме дел од ЕУ, теза што ја турка владата на Мицкоски.