Пешевски: Нема цена што ќе натера градежен работник да работи 60 часа неделно

ССМ ќе ја оспори законската одлука со која работната недела би траела повеќе од 40 часа, уверува претседателот на Синдикатот за градежништво, Иван Пешевски. Во неделното интервју за РСЕ, тој порачува дека имаме доволно домашни работници за изградба на автопатите и нема потреба да увезуваме.

Господине Пешевски, проектот за изградба на автопатите стана најактуелно прашање, што поради низа недоречености, што поради непопуларните измени на законот со кој работната недела ќе биде продолжена за 60 часа. Што како синдикат ќе направите доколку се донесат измените за подолга работна недела?

Тој предлог нема да направи 60 часовна, туку ќе направи 72 часа работна недела. Досега имавме едно изборено право пред 137 години за кое што навистина паднало крв и луѓето се избориле да работат осум часа, осум часа е за одмор и рекреација, за да ги наполнат батериите и утредента да бидат исто така продуктивни и осум часа. Меѓутоа нашата Влада дефинитивно смета дека треба да ги врати македонските градежни работници во робовладетелство и феудализам и да работат од 40- 60 како редовни часа плус 12 часа можеби да се плати како прекувремена работа. И да биде трагедијата уште поголема, за новиот закон за работни односи преговараме повеќе од пет години и никогаш ни на Економско- социјален совет, ни во работните групи не беше споменато дека може да има ваква брза измена. Ова се случи откако го видовме потпишаниот договор во четири очи помеѓу „Бехтел и Енка“ и нашите владини претставници: премиерот, вицепремиерот, министерот за траснпорт и врски итн. Повторно како Сојуз на синдикати на Македонија и Синдикат за градежништво ќе бидеме принудени да ги оспоруваме тие членови пред Уставниот суд каде што веруваме дека повторно Уставниот суд ќе ги донесе истите заклучоци, истите одредби, истите одлуки, бидејќи навистина е невозможно во еден сектор со сите работни места кои сами по себе се со висок степен на ризик и луѓето се изложени на надворешни влијанија 24/7 во текот на неделата, да работат по толку часови за сметка за некакви си средства. Тие средства однапред не можеме да ги видиме бидејќи станува збор за увезени работници. Значи ние финансираме проекти со домашни средства, а тие средства од прекувремени часови, плати или сами по себе компанијата ќе ги наплати, дали е тоа Америка или Турција итн, повторно нема никаков дел од колачот да видат ниту домашните компании, ниту домашните работници.

 

Имате ли проценки колку градежни работници би се согласиле да работат прекувремено за побрзо да се изградат патиштата?

Знаете како, согласноста која ја кажува и министерката за труд и социјална политика сама по себе е неуставна. Вие како работник не можете да се согласите да работите толку дури и ако сакате. Значи нема цена што може вас да ве плати да работите по 72 часа неделно со било каква согласност сама по себе. Таа е неуставна и повторно ние ќе ги оспоруваме тие согласности, изјави или што и да потпишат работниците. Невозможно е повеќе од 50 часа неделно да се работи во секторот градежништво бидејќи она што го гледавме во минатото, тоа се повредени работници, паднати работници од скелиња, загинати на самите автопатишта, тоа се повторно ќе кажам со висок степен на ризик работни места каде што луѓето се изнемоштени и за 8 часа, а не пак за прекувремени часови. Она што требаше да го предвиди владата и да има фер услови за сите како за домашните работници така и за странските, е да се воведе работа во смени, тоа никој не ги ограничува. Можеби ќе чини повеќе тој автопат, меѓутоа пак ќе кажам нема цена човечкиот живот. Од друга страна, согласноста што треба да ја потпишат работниците во старт е неуставна. Повторно ќе кажам, како синдикат ќе ја оспоруваме и ќе пријавуваме секако во државниот инспекторат за труд, меѓутоа за нас најголем страв постои бидејќи државата е најголем инвеститор во овие автопатишта и дека таму нема да има никаква контрола од страна на државниот инспекторат за труд.

Имате ли вие повеќе информации за тоа што содржи договорот и кои ќе бидат бенефитите за домашната економија и за градежниот сектор од овој проект?

Немаме подетални информации од договорот. Она што го имаме како информација исто како и вие од другите медиуми или како што кажуваше опозициската партија имаме информација од свиркачи, ние такви луѓе немаме и навистина не не интересира политика во тој дел. Не интересираат човечките животи, безбедноста и здравјето при работа и обезебедување пред се работа за домашните работници. Од она што досега откога е потпишан договорот и од отворање на ленти и ангажирање на одредени компании и работници имаме информација дека не се ангажирани домашните компании. Мора за вашите гледачи да потсетам дека Македонија е обврзана спрема тие ЕУ директиви и меѓународни конвенции кои што ги има ратификувано, една од нив е конференцијата 94 на МОТ, која што обрзува согласно законот за јавни набавки да 51% бидат домашни компании, 51% бидат домашни ресурси итн, меѓутоа од првите проекции што може да видиме нема ни 30% ништо од домашната работна сила или домашните ресурси. Како може да очекуваме дека ќе имаме напредок и во домашната економија или во подигнување на БДП-то… Ова ако земеме предвид дека немаме предвидено трошоци за експропријација, пред се немаме ниту проект, туку Бехтел и Енка граделе наводно на лице место проекти со работници, можеби според нашите претпоставки ќе биде и преку 2 милијарди евра овој коридор 8 и 10-д заедно, а тоа е навистина за една економија како нашава, огромна давачка или народен долг ќе биде тоа до не знам која наша генерација, бидејќи за сто километри автопат да се задолжите две милијарди евра е навистина голема сума и повторно е знак прашалник дали ќе ги возиме тие патишта и дали во догледна иднина и откако ќе се изградат ќе имаме бенефит назад да ги повратиме како држава тие средства.

Повеќе

 

Back to top button
Close