Песков го зема во заштита синот кој не сака мобилизација
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, го зема својот син Николај во заштита, откако беше објавен негов телефонски разговор со Навални-тимот во кој тој одбива да оди во Украина. Портпаролот на Кремљ изјави дека Николај го информирал за случајот и дека не е објавен целосниот телефонски разговор кој неговиот син го водел со блогерите. Со тоа, Песков имплицира дека изјавите на син му се извадени од контекст. Според руските медиуми, портпаролот на Кремљ тврди дека син му во никој случај не сака да избегне служење во армијата.
Претходно, противникот на Кремљ, Алексеј Навални, критикуваше дека Владимир Путин ги фрла обичните руски граѓани во „мелницата“ на војната, додека елитата останува без штети.
Тимот на Навални кој водеше разговор со Николај Песков ги отфрла тврдењата на Дмитри Песков дека биле објавени исечени делови од телефонскиот разговор. Разговорот, како што се вели, се водел во живо во текот на емисија на блогерите. Притоа, соработник на Навални-тимот на телефон се претставува како лице од московски воен округ, кое се грижи за мобилизацијана резервисти. На тоа Песков јуниор одговара дека не може да одговори на повикот за мобилизација и дека прашањето ќе се реши на друго ниво. „Ако знаете дека јас сум господин Песков, тогаш треба да разберете дека не е баш коректно да бидам таму. Накусо, тоа ќе го решам на друго ниво“, вели Николај Песков, кој на повтореното прашање дали наредното утро во 10 часот сепак ќе се јави кај соодветниот државен орган, одговара: „Верувајте, тоа не ви е потребно ниту вам ниту мене.“